Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Македонија

Јавното обвинителство пред полноќ соопшти: Се врши увид од страна на Јавен обвинител за трагедијата во рудникот Бучим

фото Centar.mk

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш заедно со увидна екипа, кримтехничар од Министерството за внатрешни работи и инспектори за труд и безбедност при работа извршија увид во рудникот Бучим, работна единица Флотација, каде на 13.10.2021 година околу 11:50 часот две лица го загубија животот, а едно се здобило со телесни повреди.

Според првичните сознанија, до несреќата дошло при чистење на два силоси, високи по 25 метри , со дијаметар од 17 метри, во кој се складира руда. Починатите, жители на Радовиш, членови на алпинистичкото друштво „Плоча“, на возраст од 20 и 45 години, биле ангажирани со договор помеѓу две правни лица за специфична услуга за чистење на силосите полни со руда.

Во текот на увидот, по дадени насоки и наредби од обвинителството, извршено е фотографирање на самото место на настанот. Обезбедени се затекнатите траги и предмети. Идентификувани се и извршен е разговор со лицата присутни на местото на настанот. Обвинителството издаде наредби за обезбедување на техничката документација за силосите, целокупната документација за ангажманот на алпинистичкиот клуб „Плоча“, правилниците за работа на работната единица Флотација. Издадена е и наредба за вршење на обдукција на телата на починатите.

Забрането е работењето на тој дел од рудникот и ќе биде обезбедуван од полициски службеници, за да по дадена наредба од обвинителството на 14.10.2021 година се продолжи со вршење на увид на самото место со присуство на техничка инспекција со рударски инженери.

Основното јавно обвинителство Радовиш презема и други дејствија за откривање на причините за несреќата.