26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Заев: Најголемата гринфилд инвестиција, ветерниот парк „Вирови“ ќе обезбеди нови работни места и илјадници евра за буџетот на Крива Паланка

Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска од изборниот караван „Најдоброто за мојата општина“ пред граѓаните на Крива Паланка ја претстави штотуку објавената најголема странска гринфилд инвестиција во историјата на македонската економија.

Германската компанија Ви Пи Ди, ќе гради 415 мегаватна ветерна електрана на потегот Куманово – Старо Нагоричане – Ранковце – Крива Паланка, во вредност од 520 милиони евра, соопшти Заев.

Тој нагласи дека ветерниот парк со име „Вирови”ќе биде најголемиот капацитет од обновливи извори на енергија во Северна Македонија и најголем ветерн парк во Западен Балкан.

Ќе се постават 69 ветерници од по 6 мегавати или четири пати повеќе од оние 16 што ги гледаме крај границата со Грција, кои ќе создадат над 400 мегавати струја од македонскиот ветер, што е еднакво на капацитетот на два од трите блока на РЕК Битола, истакна Заев.

Тој додаде дека за Крива Паланка и регионот оваа историска инвестиција ќе значи и отворање на нови зелени работни места кои се добро платени и кои ќе ги задржат младите.

Од оваа инвестиција буџетот на општина Крива Паланка ќе инкасира стотици и стотици илјади евра само од комунален надомест, за нови проекти, за нови улици, водоводи, каналзиации, паркови, плоштади, за поубав живот, нагласи Заев.

Тој истакна дека ова е зелена агенда, трансформација на македонскиот енергетски систем, кој се ориентира кон обновливите извори на енергија, за почист воздух и животна средина, за повеќе нови инвестиции, за поголемо производство на домашна електрична енергија.

И на ова мислиме кога зборуваме за Најдоброто. Најдоброто за Крива Паланка, Најдоброто за Истокот, Најдоброто за нашата татковина, а Најдоброто доаѓа на 17-ти октомври со глас за бројот 12, порача престедателот на СДСМ Зоран Заев од Крива Паланка.