27.8 C
Скопје
16. јуни 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Заев од Прилеп: Ни се исполнија градите со гордост кога на јарболот пред седиштето на НАТО, се издигна македонското знаме и кога беше интонирана македонската химна

– Никогаш, по никоја цена! Не само што не се избриша во Преамбулата на Уставот, туку напротив, АСНОМ сега се спомнува и вреднува уште повеќе. Уште посилно го зацврстивме местото и значењето на АСНОМ во државно-правната традиција на нашата земја. Се зборувало ли повеќе, било кога, за македонскиот јазик. Посветивме и Ден, празник на македонскиот јазик, тоа 5 Мај, рече премиерот Зоран Заев.

Ни се исполнија градите со гордост кога на јарболот пред седиштето на НАТО, се издигна македонското знаме и кога беше интонирана македонската химна.

– Со тој чин, химната, грбот и знамето останаа засекогаш во кодот на македонскиот идентитет. Исто како и нашата територија, јазикот, именувањето на народот со сите атрибути, со својата историја, култура и наследство. Македонски. Засекогаш.
Ја отворивме заробената држава. Се ослободивме од отровите на национализмот и од заблудите на режимското владеење. Северна Македонија се отвори кон светот и направи пробив на меѓународен план кој го препознаа сите напредни демократии и ни ги доделија сите заслужени признаниј, порача премиерот.

– Благодарение на сето ова се реализираше една од нашите најважни стратешки цели за државата, полноправното членство во НАТО. Цел зацртана со едногласна одлука на Собранието уште во 1993 година, која секогаш имала широк натпартиски и меѓуетнички консензус.
Од држава оставена на маргините денес сме дел од моќното НАТО семејство. Нашата држава стана фактор на стабилност во регионот. Не прогласуваат за најбезбедна држава на Западен Балкан, со најтранспарентна Влада. Тоа го велат другите за нас.

Во друштво на сојузниците, како партнер кој со најмоќните држави во светот учествува еднакво со свој придонес за мирот и безбедноста во светот, Северна Македонија никогаш повеќе нема да биде ниту ставена под прашалник, ниту изолирана од светот.

Презедовме чекори, донесовме политички одлуки за да им докажеме на последните скептици дека Северна Македонија треба да биде новата ѕвезда во европското соѕвездие. Дека го заслужуваме тоа место и дека ќе го добиеме, рече Заев.