10.8 C
Скопје
18. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Гошаревски од Ресен: Преспа и Ресен не се само бисерот на државава, ние сме и економскиот и туристички бисер на југо-источна Европа

На караванот на „Најдоброто за мојата општина“ кој вечерва гостува во Ресен се обрати и кандидатот за градоначалник на СДСМ и коалицијата – Живко Гошаревски. Во своето обраќање тој рече:

„Наследивме состојби од кои „ глава боли“, блокирани сметки на училишта, со години несанирани училници, училишта, долгови со многу нули, уништени и разјадени улици и патишта по кој човек не можеше нормално да се движи, да вози и куп други проблеми.

Во изминативе четири години локалната власт, јас како градоначалник, мојот тим работевме исклучително посветено, ангажирано и транспарентно. Со исклучително голема и драгоцена поддршка од централна власт, комплетно разбирање за потребите на Преспа од страна на премиерот Зоран Заев, министрите реализиравме проекти од витално значење за Преспа во кои се инвестираше многу.

Денес нашите деца учат во реновирани училишта, играат на реконструирани спортски терени и сали, нашите најмали посетуваат градинка изградена според светски стандарди, а сите возиме по реконструирани улици и пешачиме по реновирани тротоари. Но, за наше подобро и поквалитетно утре има уште многу работи да се направат. Затоа потребен е континуитет за да ја унапредиме нашата Преспа во сите области на општественото живеење.

Во изминативе четири години Преспа го имаше вниманието на централната власт, но и вниманието на Европската Унија. Се работеше на редица инфраструктурни проекти кои своја реализација ќе имаат во наредниов период, а ќе бидат финансирани токму од институции на ЕУ.

Ресен го замислувам како развиен и перспективен град, град полн со живот, чист и раздвижен, економски развиен, урбанистички современ, инфраструктурно обновен. Преспа како можност во која вреди да се живее, да се работи и создава, тука да се основа семејство, да се твори и спокојно да се старее. Привлечна туристичка дестинација, кој пулсира во духот на културата и забавата.

Тоа е мојата визија, тоа е нашата визија, што извира од реалните потреби на граѓаните и потребата за севкупен локален развој, не само на градот туку и на руралните области во нашата Општина.

– Ќе изградиме катна гаража, со што ќе го решиме проблемот со недостаток на паркинг места,

– Ќе го реконструираме градскиот плоштад, пешачката зона на улицата „Гоце Делчев“,

– Ќе се реконструира ОУ „ Славејко Арсов“ со тежина на мерки за енергетска ефикасност,

– Ќе ги обновиме заштитните ѕидови на Градскиот стадион.

По селските средини ќе работиме на изградба на фекална канализација, реконструкција на улици, тампонирање и изведување на пристапни патишта до земјоделските површини, чистење на речните корита.

Во центарот на моето внимание и понатаму ќе бидат преспанското јаболко и ресенските земјоделци. Заеднички ќе ги решаваме проблемите! Ќе бидам градоначалник на сите граѓани, секогаш отворен и достапен за комуникација!

Со заедничката визија, со посветено и домаќинско работење резултатите ќе бидат уште поголеми. Заедно со носителот на советничката листа и кандидатите за советници ќе го посетиме сечиј дом, ќе разговараме со секого од вас, барајќи ја вашата доверба, за Најдоброто за сите нас“!