Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и кандидатот за градоначалник на Општина Центар Горан Герасимовски вечерва остварија маалски средби со своите сограѓани. Тие беа придружувани од носителите на кандидатските советнички листи за Скопје, Софија Пејкова и за Центар, Андријана Будимир.
„Денеска го презентиравме проектот „Смарт сити“ со кој Скопје станува прв град во државата каде граѓаните директно и сами одлучуваат за тоа каде и како се вложуваат нивните пари. Преку апликацијата „Мое Скопје“ на својот мобилен телефон, скопјани ќе може да гласаат за предлози, да дефинираат приоритети и со тоа самите да ги креираат политиките градот“, најави Шилегов.
„Со „Скопје смарт сити“, Скопје станува град без шалтери! Скопје сите услуги ќе ги дава онлајн и со тоа станува првиот целосно дигитализиран град во регионот. Сите плаќања и сите документи ќе бидат достапни на интернет или на телефонот на граѓаните. Преку овој проект се поставуваат 10.000 нови лед светилки со што Скопје добива совршено осветлени и безбедни улици, вело патеки и тротоари, а заштедува 1,3 милиони евра годишно на електрична енергија“, нагласи Шилегов.
Осврнувајќи се на досегашниот период, Шилегов додаде дека и во Центар се инвестира во повеќе важни капитални проекти.
„Ги реконструиравме булеварите Димитрија Чуповски, 11 октомври, Кочо Рацин и Крсте Петков Мисирков, како и улиците Лазар Личеновски, Бихачка, Црниче, Никола Карев (кај Железничка) и Васил Ѓоргов. Пробивме нови велосипедски патеки и подигнавме нови зелени површини. Новиот парк Ибни Пајко и двата нови зелени покриви, оној на ГТЦ и оној на Домот на градежици, како и новиот памптрак полигон кај Олимписки, се наоѓаат на територија на Центар. Го реконструиравме Кејот 13 Ноември и плочникот на влезот на ГТЦ од страната на Плоштад“, посочи Шилегов осврнувајќи се на сработеното во Центар.
„Во тек е реконструкцијата на Универзална сала, а годинава почнуваме и со реконструкции на булеварите Кузман Јосифовски Питу и Митрополит Теодосиј Гологанов. Ги реконструиравме гимназиите Јосип Броз Тито и Раде Јовчевски Корчагин, како и средното медицинско училиште Др. Панче Караѓозов. Обезбедивме прочистувачи за воздух за секоја училница“, додаде Шилегов.
Во делот на градското зеленило, Шилегов потенцираше дека во Центар се подигнати над 53.700 метри квадратни нови и реконструирани паркови површини, со засадени над 5.200 садници.