27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Битиќи: Посветени сме на зелената агенда за проекти за подобар живот на сите граѓани

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, се обрати на отворањето на конференцијата „Забрзување на финансирањето зелени проекти: Претставување на инструментот за зелено финансирање“, на која учествуваат и заменик-помошникот генерален секретар на Организацијата на Обединетите нации и претседавач на Управувачкиот комитет на „Заедничкиот фонд за цели за одржлив развој (Joint SDG Fund)“, Хаолијанг Шу, министерот за финансии, Фатмир Бесими, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, постојаната координаторка на ОН-агенциите во Северна Македонија, Росана Дуџак, постојаната претставничка на УНДП во Северна Македонија, Нарине Сахакјан, директорката на финансиските институции за Западен Балкан и Источна Европа на Европската банка за обнова и развој, Александра Вукосављевиќ, и други експерти од областа на заштита на животната средина и развојни зелени проекти.

Во своето воведно обраќање Битиќи нагласи дека во оваа фаза на развојот на Република Северна Македоија неопходно е да се зборува за забрзување на зелените финансии и за неопходноста од воведувањето разни финансиски инструменти што ќе водат до подобар исход за животната средина во државата.

„Нашата посветеност на зелената агенда е поголема од кога и да било досега, а со тоа и потребите за инвестиции се значителни на сите нивоа и во сите сектори. Ние, без сомнеж, целосно сме посветени на намалување на загадувањето, намалување на емитувањето на стакленичките гасови, зазеленувањето на нашата економија, особено преку намалување на нашата зависност од фосилни горива и фокусот на поефикасно користење на енергијата и во индустрискиот и во станбениот сектор“, потенцира Битиќи.

Вицепремиерот се осврна на енергетските политики во Северна Македонија, посочи дека тие се сеопфатни и бараат голема посветеност и работа во имплементацијата.

„Донесени се веќе неколку стратегии: за развој на енергетиката, енергетска ефикасност и обезбедување стабилност во снабдувањето со енергија за сите. Почнавме голем инвестициски циклус за позелена иднина, обновливи енергетски извори и истражување повеќе опции за снабдување со енергија. Сфативме дека инвестирањето е од клучно значење за да се постигне трансформација. Нашите ветувања, намери и планови се претвораат во дејства и во факти. Неодамнешното поднесување на нашиот унапреден национален придонес за климатските промени, усвојувањето на стратегијата за развој на енергиката и другите национални стратегии и планови, усогласени со пристапниот процес на ЕУ и зелениот договор, се наш начин за достигнување на нашите краткорочни и долгорочни цели, но исто така горенаведените стратегии и пристапи јасно ја покажуваат решеноста на Владата да воспостави политики поврзани со енергијата и да преземе дејства како централна точка за декарбонизација и напори за зелено закрепнување“, додаде вицепремиерот за економски прашања.

Инструментот за зелени финансии треба да претставува систем од поврзана, заемно засилена интервенција наспроти повеќе паралелни интервенции што функционираат одделно. Овој инструмент ќе охрабри инвестиции во обновлива енергија и енергетска ефикасност, инвестиции во нови, иновативни решенија привлечни за пазарот истовремено зголемувајќи ја свесноста и негувајќи ја културата за одговорно производство и користење на енергијата“, рече Битиќи.

На отворањето на конференцијата свое воведно обраќање имаше и постојаната координаторка на ОН-агенциите во Република Северна Македонија, Росана Дуџак, која посочи дека амбициозните планови на Владата за намалување на емисиите на стакленички гасови се добра основа за забрзување на вложувањата во изградба на обновливи извори на енергија.