27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Кондовски од промоцијата на кандидатите за советници во Битола: Победуваме во прв круг!

Нашата заедничка визија е јасна. Сакаме економски и инфраструктурно развиена општина, каде луѓето сакаат да живеат и работат, општина полна со паркови и катчиња за спорт, релаксација, култура и забава. Сакаме модерен град, но и развиени села! Знаеме како да го постигнеме, имаме програма и кадри кои го носат најдоброто за Битола, најдоброто за битолчани.

Ова вечерва го порача кандидатот за градоначалник на СДСМ и коалиционите партнери за градоначалник на Општина Битола, Христо Кондовски, на промоција на кандидатите за советници во Битола.

„Немам ниту една дилема дека сме на вистинскиот пат. Ќе успееме, зашто тоа е патот кој ни го покажаа граѓаните. Битолчани знаат дека им треба млад, енергичен и ефикасен менаџер кој забрзано ќе ја возобнови Битола. Едвај го чекам првиот работен ден да почнам да работам за Општина Битола, за граѓаните. Ние сме најдобриот избор за Битола. Уверен сум во тоа, не само затоа што анкетите со сигурност потврдуваат дека победуваме, туку затоа што лично ја видов таа победа во очите на битолчани. Видов доверба и надеж дека Битола ќе ја биде и тоа на чело со нас. Затоа ве повикувам на 17 октомври сите да го заокружиме бројот кој го носи најдоброто за Битола! Да го заокружиме победничкиот број 12! Победуваме во прв круг!“-порача Кондовски.

Тој посочи дека програмата не е испишана во некоја канцеларија – туку заедно со граѓаните.

„Таа доверба не обврзува. Програмата мора да ја реализираме 100%. Нема простор за изговори, туку единствено за резултати! Мора да го направиме тоа затоа што ветивме! Затоа што и ние како битолчани ги имаме истите желби! Битола е наш дом! Битола е мој дом! Дом на моето семејство! Тука растам и школувам три деца! Тука вложив се! Едноставно Битола за мене е се! Среќен сум што граѓаните го препознаа мојот, нашиот порив – од Битола да направиме место во кое вреди да живееш, град кој е тешко да го напуштиш.“-рече Кондовски.

Кандидатот за градоначалник истакна дека ефикасна општина е она што граѓаните ќе го почуствуваат веднаш по неговото влегување во кабинетот.

„Тоа го бараат граѓаните! Насекаде и од сите ја добивав таа порака.. Среќен сум што во таа секојдневна комуникација, успеавме да ги обединиме бизнисмените, просветните, здравствените и културните работници, невладините организации, младите, возрасните, пензионерите… сите го сакаме најдоброто за Битола! Најдоброто за Битола го сакаат и социјално ранливите категории. Невработените сакаат работа, вработените сакаат поголема плата…“-рече Кондовски, не изоставајќи ги и љубителите на спортот.

„Уште пред мојот избор за градоначалник го исполнувам дадениот збор – на Фудбалскиот клуб Пелистер му претстои европска иднина. Повторно ќе биде битолска и македонска национална гордост! Клубот оди во вистински раце и застанува на здрави нозе! Ги обединивме и спортистите, Чкембарите… За прв пат во историјата на битолскиот спорт, добивајќи 10% од акциите во ФК Пелистер, навивачката група Чкембари ќе биде дел од управата на клубот. Нивниот глас ќе се слуша! Исто како што се слуша нивната силна поддршка на терените!“-рече тој.

Носителот на листата Др. Александар Димовски рече дека задолство е да се биде предводник на листа со кандидати за советници кои се луѓе со искрени и чесни намери да дадат се од себе за Битола. Луѓе вредни, домаќини и одговорни, познати и признати во своето маало, докажани во својата работа и професија.

„Со нас сте начисто – го добивате најдоброто од Битола, за Битола. Како лекар со долгогодишно искуство, со задоволство го прифатив предизвикот да ја предводам победничката листа со кандидати за советници. На битолчани им помагам со години. Сум погледнал илјадници рендген снимки, сум напишал илјадници наоди и мислења, а сега на ред е да ја испишам, заедно со сите вас, најубавата страница во поновата историја на Битола. Советничката листа што ја предводам го отсликува карактерот на коалицијата предводена од СДСМ. Шаренолика, а обединувачка, цврсто поврзана околу темелните наши заложби – подобра општина како сервис на граѓаните.“-рече Димовски.

Тој додаде дека тоа што влегува во еден нов предизвик да даде придонес за градот и граѓаните преку локалната самоуправа, не значи дека ќе ја напушти лекарската професија, бидејќи на битолчани им треба и како лекар.

„Сигурен сум дека граѓаните знаат да препознаат вистински порив да се помогне на Битола наспроти жед за власт. На Битола не и треба лечење, и треба менаџирање. Служев и ќе служам како доктор, ќе служам и како советник. Советот е местото каде се слуша гласот на граѓаните, а јас знам да слушам. Советот е местото каде се решаваат секојдневните проблеми на граѓаните, а јас сум решавал не проблеми, туку и животни прашања. Со сета одговорност што функцијата советник ја носи, ви ветувам дека во Советот ќе бидам вашиот глас.“-рече Димовски.