24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Димитриевски доби поддршка единствено од пријателот на Путин – Иван Стоиљковиќ

Откако кандидатот за градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски остана без поддршка од членството на СДСМ, бидејќи не ја почека одлуката на партијата и реши да им сврти грб на социјалдемократите кандидирајќи се како независен, сега сепак тој доби поддршка од политичка партија. На средбата со граѓаните која вчера Димитриевски ја одржа се појави и претседателот на Демократската партија на Србите, Иван Стоиљковиќ, кој воедно е коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ, но е и познат по својата антизападна политика.

Иван Стоиљковиќ неколкупати потенцира дека треба да се подобрат македонско-руските односи, а и чест гостин е во Москва кај функционерите од партијата на претседателот Владимир Путин, „Единствена Русија“, нагласувајќи дека со мудрата национална и државна политика, Руската Федерација го продолжува континиутетот во зачувувањето и надградбата на најголемите православни и словенски вредности.

Исто така, Стоиљковиќ отворено ги поддржува политиките на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој во последно време отворено зборува за проектот обединување на српскиот свет, а гласен поборник беше и на авторитарното владеење на поранешниот премиер Никола Груевски.

Од друга страна, барем декларативно, Максим Димитриевски досега изјавуваше дека ја поддржува надворешната политика што ја води СДСМ, како и напорите кои Владата ги вложува во евроатлантските интеграции, но сепак не ја пропушташе шансата да ги критикува договорите со кои се отвораат портите кон Брисел, исто како што тоа го правеше и пријателот на Путин – Иван Стоиљковиќ.