5.8 C
Скопје
29. март 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Заменик-претседателот на Владата Николовски во Брисел на средба со директорот на ОЛАФ, Итала: Заложбите за борба против корупцијата се препознаени, Северна Македонија во 2022 година ќе може да аплицира за најновата Заедничка Програма на Европската унија за борба против измами

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, денеска во рамки на работна посета на Брисел, Белгија, одржа работен состанок со директорот на канцеларијата на Европската комисија за борба против измама (OLAF), Вили Итала.

Ова е прв официјален состанок на вицепремиерот Николовски и директорот Итала, на којшто Николовски ја презентираше улогата на кабинетот пред се во процесот на координација и заедничко дејствување на институциите во борбата против корупцијата, како и тековните и идни мерки за сузбивање на корупција.

Воедно беше посочено значењето на соработката со ОЛАФ како единствен и главен орган на ЕУ, кој е овластен да открива, истражува, застанува на патот на измамите поврзани со фондовите на ЕУ, да ја истражува корупцијата и прекршувањето на законите од страна на персоналот на ЕУ и членовите на институциите на ЕУ. Вицепремиерот Николовски посочи дека проактивната борба против организираниот криминал и корупцијата останува фундаментална во сузбивањето на криминалната инфилтрација на политичките, правните и економските системи.

„За нас, како земја кандидат за членство во ЕУ, е од особена важност поддршката и соработката со сите органи на Европската Унија, особено со ОЛАФ, со цел ефикасно исполнување на препораките во делот на политиките и мерките за борба против корупција и организиран криминал. Водејќи се од основните вредности на ЕУ кои вклучуваат владеење на правото и почитување на човековите права, како Влада остануваме силно посветени на трасираниот пат за искоренување на корупцијата и криминалот, во што од огромно значење се препораките и искуствата што ги добиваме од Европската Унија и органите во нејзин состав“, рече вицепремиерот Николовски на средбата со директорот на ОЛАФ.

Генерaлниот директор на ОЛАФ, Итала, го запозна вицепремиерот Николовски со новите регулативи на ОЛАФ за Европско јавно обвинителство (ЕППО) како и за Заедничката Програма на Европската Унија за борба против измами. Посочи дека ОЛАФ максимално ја цени и подржува заложбата на државата особено на вицепремиерот во борбата против корупцијата со сите системски и превентивни мерки. На средбата се потенцираше дека соработката ќе продолжи и ќе се зајакне.

Директорот на ОЛАФ, Итала порача дека Северна Македонија во 2022 година ќе може да аплицира и да биде дел од најновата Заедничка Програма на Европската Унија за борба против измами (2021-2027), која за овој период има буџет од околу 181 милион евра. Целта на оваа Програма е заштита на финансиските интереси на Европската унија преку поддршка на акциите за борба против нерегуларностите, измамите и корупцијата што влијаат врз буџетот на ЕУ, поддршка на меѓусебна помош помеѓу административните органи во земјите членки на ЕУ и обезбедување правилна примена на законот за царински и земјоделски прашања преку поддршка на соработката помеѓу административните органи во земјите членки на ЕУ и Европската Комисија.

Програмата обезбедува финансирање, особено за опрема за техничка и оперативна истрага, специјализирани активности за обука и истражување, за поддршка на заштитата на финансиските интереси на ЕУ. Финансирањето е обезбедено во форма на грантови и набавки.

Спонзорирано: