22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Средба Џафери-Кучава: Интеграциските искуства на Северна Македонија, можат да бидат од полза за Грузија

Во рамките на Петтата светска конференција на претседатели на парламенти, што се одржува во Виена, Австрија, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, оствари средба со претседателот на Парламентот на Грузија, Каха Кучава.

Претседателот Џафери изрази задоволство што по воспоставувањето на билатералните односи меѓу Република Северна Македонија и Грузија во 2019 година, политичката соработка на високо ниво се движи по нагорна линија, а потврда за ова е посетата на претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили на нашата земја во мај годинава. Тој се осврна на унапредувањето на меѓу-парламентарната соработка, истакнувајќи дека во двата парламенти се формирани пратенички групи за соработка и пријателство, а пратениците од двете земји успешно соработуваат и во рамките на меѓународните парламентарни собранија.

Џафери оцени дека Договорот за олеснување на визниот режим и Меморандумот за соработка во областа на културата се од големо значење за унапредување на билатералните односи, а Спогодбата за заемно укинување на визите несомнено ќе придонесе за подобра комуникација и зајакнување на пријателството меѓу Северна Македонија и Грузија.

Претседателот на Парламентот на Грузија, Каха Кучава, изрази благодарност што Република Северна Македонија ги поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Грузија во рамките на меѓународно признатите граници. Тој истакна дека, двете земји ја споделуваат стратешката определба за членство во ЕУ и НАТО и меѓусебно се поддржуваат на мултилатерален план. Искуствата на Северна Македонија во интеграциските процеси, можат да бидат од особена полза за Грузија.

Истовремено, Кучава информираше дека во 2020 година во Парламентот на Грузија бил основан Парламентарен центар за истражување, врз основа на искуствата од Парламентарниот институт на Собранието на Република Северна Македонија. Тој оцени дека реципрочните посети на претседателите од двата парламенти во голема мера можат да ја продлабочат меѓу-парламентарната соработка и да ги унапредат билатералните односи.

Соговорниците се согласија дека во наредниот период треба да се направат заеднички напори за интензивирање и продлабочување на економската соработка и зголемување на трговската размена. Постои голем простор и за унапредување на соработката во областа на туризмот, внатрешните работи, образованието, науката и техниката.

На крајот од средбата претседателите Џафери и Кучава изразија подготвеност за натамошно унапредување на соработката меѓу двата парламенти, како во рамките на меѓународните парламентарни собранија, така и на билатерално ниво, меѓу пратеничките група за соработка и комисиите за надворешна политика и европски прашања.