Сите знаеме дека самиот факт што се справуваме со нов и опасен вирус за сите нас значеше дека не постои универзална процедура за справување со здравствените и економски последици, која сите треба да ја следиме. Тоа во превод значеше дека бевме принудени да импровизираме со брзи промени на системот на сите нивоа коишто освен буквалното спасување на животите и здравјето на граѓаните, треба да ја спасат нивната социјална сигурност преку справување со економските последици кои понекогаш подразбираат кратење на плати, отпуштање на работна сила, појава на сива економија и ред други непопуларни појави, истакна градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, на Првата годишна конференција што ја организира Министерството за финансии на тема „Економско заздравување и раст по Ковид“.
„Во делот на градежништвото се откажавме привремено од изградбата на луна-паркот, започнавме градежна офанзива на изградба и реконструкција на над 20 градски сообраќајници со цел да ги помогнеме домашните фирми во областа на градежништвото, овозможивме комуналите да можат да се плаќаат на 18, наместо на досегашните 12 рати. Дополнително олеснување кое ги засегаше најмногу угостителите беше намалувањето на комуналната такса за закуп на јавен простор од 15 на 5 денари по квадрат (колкава што е минималната цена дозволена со закон) за цела 2020 година; ја намалуваме фирмарината за стопанските субјекти од 7.000 на 4.000 денари за 2020 (што исто така е законски минимум). Онаму каде што дозволуваа просторните услови дозволивме и поставување на дополнителни маси на јавните површини, со цел да овозможиме угостителите да го запазат потребното растојание меѓу масите. Им препорачавме на училишните одбори закупувачите на простор во средните училишта да бидат ослободени од месечните кирии за целокупното времетраење на вонредната состојба“, рече Шилегов.
Тој дополни и дека, за жал, како локална самоуправа, во рамките на постојните законски определени надлежности, градот има сериозно лимитирани можности за воведување дополнителни мерки кои би ги олесниле економските последици.
Шилегов нагласи и дека, за жал, во вакви тешки времиња губат сите и како граѓани, и како институции на системот, и како компании кои вршат некаква стопанска дејност, па затоа сите заедно треба и мора да се вклучиме во изнаоѓањето оптимални решенија што ќе ни го олеснат животот, затоа што на крајот на денот сите сме од иста страна.