14.8 C
Скопје
3. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Царовска на координативен состанок со директорите на училиштата: Успешно ја започнавме учебната година

Oсновните и средните училишта успешно ја започнаа новата учебна година со физичко присуство, под пропишаните мерки за заштита и Протоколи. Во училиштата се обезбедени безбедни услови, а состојбата се менаџира на дневно ниво. Генерално образовниот систем е добро подготвен и без потешкотии се се спроведува според планот. Ова го истакнаа директорите на основните и на средните училишта попладнево, на редовeн координативен состанок со министерката за образование и наука Мила Царовска.

„ Би сакала да ви честитам на сите за максималниот ангажман за успешниот почеток и да продолжиме да работиме со истата посветеност и ентузијазам понатаму. Целта ни е заедничка, а тоа е квалитетно и современо образование за секое дете. Посакувам наставата со физичко присуство да ја задржиме колку што можеме подолго, а тоа ќе зависи од одговорното однесување на сите нас, на учениците, наставно – техничкиот кадар и родителите. Сите ние видовме колку е важно да се биде во училница, затоа апелирам на доследно почитување на протоколите.“, рече министерката Царовска.

Министерката посочи дека образовниот систем е подготвен со уште две резервни сценарија, а дали и кога ќе се применуваат ќе зависи од епидемиолошката состојба, за што проценка ќе прави и ќе одлучува Комисијата за заштита од заразни болести.

На состанокот се разговараше и за стартот на имплементацијата на реформските процеси, од оваа учебна година во прво и четврто одделение. Директорите ја информираа министерката дека ги имаат обезбедено сите потребни дидактички материјали, нагледни средства, таблети и интерактивни табли кои се предвидени со новата наставна програма. Исто така, започнува спуштањето на дигиталните учебници до учениците од четврто одделение, а на првачињата веќе им се делат учебниците. Учебници добија и учениците од другите одделенија кои ќе работат по старите наставни програми.

Учебната година ја започнaa околу 187 илјади основци и 70 илјади средношколци.

Спонзорирано: