Полицијата приведе тројца косовски и една романска државјанка осомничени за криумчарење мигранти.
„Вчера се приведени A.Б.(45), државјанин на Косово и Н.С.(49), државјанка на Романија, како и две косовски државјанки, а денеска е поднесена кривична пријава против А.Б. и Н.С., поради основано сомнение дека извршиле кривично дело криумчарење мигранти“, соопшти МВР.
Вчера во 17 часот на излез од државата на Меѓународниот аеродром Скопје се пријавиле С.В.(42) со српска патна исправа и Л.Б.(18) со косовска патна исправа, за кои било констатирано дека не се нивни. Во нивна придружба патувала и второпријавената Н.С., која ги спроведувала двете женски лица со туѓи патни исправи, поради што трите биле приведени во полициска станица.
При извршен службен разговор, С.В. за себе дала податоци дека е Л.П.(33) од Косово, а Б.Л. дека е Е.Х.(18) од Косово и појасниле дека со провопријавениот А.Б. биле договорени тој да им организира превоз од Косово до Меѓународен аеродром Скопје и да им овозможи да заминат во Франција со туѓи патни исправи, за одреден паричен надомест.
Притоа, А.Б. заедно со второпријавената Н.С., која ја претставил како негова сопруга, со возило џип „мерцедес“, со француска национална ознака ги зеле од Косово и ги пренеле преку косовско-македонската граница. Н.С. ги потврдила нивните наводи и појаснила дека таа требало да им помогне да заминат за Франција.
По распишана потрага по А.Б., тој околу 23:30 часот бил приведен и признал дека тој им ги дал туѓите патни исправи со цел да заминат во Франција.