Министерките за образование и наука и за одбрана, Мила Царовска и Радмила Шекеринска и министерот за локална самоуправа Горан Милевски, денеска го посетија обновеното училиште “Пецо Даскалот” во Заполжани, Општина Долнени.
Министерката Царовска при посетата изјави дека со реконструкција Владата ги исполни ветувањата на жителите и на дечињата дадени пред нецела година за реконструкција на училиштето.
“Навистина сум среќна што денеска сме овде во обновеното училиште кое доби целосно нов и современ изглед, а учениците од септември учебната година ќе ја започнат, како што доликува, во безбедни и достоинствени услови. Со осовременување на училишните објекти и обезбедување на современи услови за настава ги задржуваме младите во своите родни места со што придонесуваме за рамномерен развој на целата држава.
Со ова како Влада покажавме и докажавме дека подеднаквата грижа за децата е наш врвен приоритет и дека нема пречки да се обезбедат финансии кога се работи за унапредување и развој на квалитетот на образованието. Овие наши напори беа поткрепени со поддршка од Владата на Швајцарската Конфедерација, односно Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија која ги обезбеди финансиските средства во рамки на програмата за Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој, Швајцарскиот проект, за што изразувам огромна благодарност до амбасадорката”, рече Царовска.
Министерката Царовска истакна дека секоја паметна држава, вистински инвестира во образованието на децата, со што директно влијае на развојот на економијата.
“Ова се и главните цели на реформските процеси кои ги започнуваме од новата учебна година – создаваме современо образование за што развивме нови квалитетни наставни програми, инвестираме во подобрување на условите во училиштата, но и во поддршка и развој на наставниот кадар”, рече Царовска.
Согласно проектот реконструиран е објект со опфат од околу 300 м2, односно две училници, наставничка канцеларија, помошни објекти за одвивање на практична настава, како и помошни управни простории. Инвестирани се околу 6 милиони денари од кои половината се од Министерството за локална самоуправа, а другата половина од Швајцарската влада.
Овие инфраструктурни активности се реализираа во тесна соработка помеѓу институциите на национално, регионално и локално ниво, што е уште една придобивка. Обновувањето на училиштето е чекор напред кон остварување на заложбите на Владата за развој и напредок на целата територија, преку капитални инвестиции кои ќе го подобрат животот на сите граѓани.