На повеќе од два месеца од официјалниот старт на годинешната берба, винарската визба „Тиквеш“ започна со потпишување договори со лозарите. Првите договори беа склучени кон средината на јуни, а досега се потпишани 460 договори, со кои „Тиквеш“ веќе обезбеди над осум милиони килограми квалитетно грозје од сортите шардоне, ризлинг, темјаника, мерло и каберне совињон.
„Оваа година го почнавме процесот на потпишување договори со нашите партнери многу порано од вообичаеното. Со ова сакаме да внесеме поголема сигурност и стабилност во целиот процес на соработка и да го зајакнеме партнерството со лозарите, што е наша трајна, стратешка определба“, објаснуваат раководните луѓе во „Тиквеш“.
Во „Тиквеш“ се исклучително задоволни од одзивот и комуникацијата со лозарите во досегашниот тек од процесот на потпишување на договори и очекуваат дека до почетокот на бербата ќе бидат потпишани и до 2000 договори за деловна соработка.
„Впечатокот од досегашната комуникација со лозарите е дека тие се задоволни од условите што ги понудивме во новите договори, како во делот на количините, така и во делот на условите за плаќање на откупеното грозје. Истовремено, со договорите се дефинираат правилата и целокупниот начин на одгледување и третман на грозјето, што е дополнителна гаранција за висок квалитет, кој е неопходен за производство на врвно вино“, велат во „Тиквеш“.
За да се стимулира и одржи највисок квалитет на грозјето, што е императив за „Тиквеш“, винарницата одлучи да им понуди повеќегодишни договори на лозарите кои произведуваат сорти со највисок квалитет кои се особено ценети на пазарот, како што се темјаника и ризлинг. Истовремено, за грозјето со највисок квалитет кое се преработува во процесот на микровинификација, преку кој се произведуваат премиум вина во ограничени количини, предвидени се и посебни услови за плаќање на откупеното грозје кои се многу пократки од законски дефинираните рокови.