Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска се сретна со претставничката на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации УНХЦР, Моника Сандри. Предизвиците со кои се соочуваат лицата кои немаат лични документи, бегалците и мигрантите беа тема на која што денеска разговараа двете страни.
„Подготовката на Законот за лица неевидентирани во Матична книга на родени е пример за решеноста на Владата на Република Северна Македонија да им помогне на лицата кои не можат да ги остварат човековите права поради не поседување на документи“ , истакна министерката Шахпаска.
Таа информираше дека Министерството за труд и социјална политика, беше координатор на работната група за подготовка на Законот за лица неевидентирани во матична книга на родени и ја координира работата на работната група задолжена за имплементација на Законот.
„Во текот на 2019 година, беа формирани мобилни тимови кои директно во ромските заедници, ги идентификуваа лицата неевидентирани во матична книга на родени. Во овој процес, идентификувани на терен биле околу 650 лица без документи, а согласно последните податоци , барање за прв привремен извод поднеле околу 200 лица. Процесот на обезбедување на документи мора да продолжи, затоа што тоа значи и нивни влез во системот на социјална заштита и пристап до образование, здравство и вработување“, рече министерката Шахпаска.
Од страна на претставничката на УНХЦР, Моника Сандри беше изразена голема поддршка за заложбите и активностите на министерството кои се во насока на евидентирање на лицата без документи со цел остварување на нивните основни човекови права.