Остануваат ли евроатлантските интеграции цврста определба на ВМРО-ДПМНЕ? Вчерашниот говор на претседателот на партијата, Христијан Мицкоски повторно беше посветен на обвинувањата кон власта, а скоро воопшто и да не се посвети време на тоа како партијата доколку дојде на власт ќе ја води надворешната политика на земјата. Па дури, на сцената на Античкиот театар во Охрид, од каде Мицкоски се обрати пред членството изостана да се вее знамето на НАТО и тоа само еден ден откако Македонија за првпат како полноправна членка учествуваше на Самит на Алијансата. Освен што сега не се сети за знамето, Мицкоски и претходно го потцени значењето на НАТО при гласањето за ратификување на протоколот за членство во Алијансата, кога иако пратениците од неговата партија гласаа ‘за’, тој сепак реши да не го удостои ова историско постигнување во Собранието и остана безгласно да седи во пратеничката фотелја и покрај тоа што многумина беа на нозе давајќи аплауз.
Токму на маргините на Самитот во Брисел, премиерот на државата, Зоран Заев оствари средби со европските лидери, но и со американскиот претседател Џо Бајден, а само ден подоцна Мицкоски во својот говор само еднаш се одважи да го спомене центарот на ЕУ и НАТО, но во негативна конотација.
-Не е доволно да кажете „жицата македонска нема да ја скинам“, или да му се насмеете на некој бирократ таму во Брисел и да мислите дека сте ја завршиле работата. Успехот во политиката се гледа во тоа колку проблеми сте решиле, кажа Мицкоски на роденденот на партијата.
Инаку, партијата на Мицкоски е одлучна во ставот дека нема да го почитува Преспанскиот договор, кој ги отклучи аспирациите за членство во НАТО и Европската унија и токму од претседателот на САД, Џо Бајден, пристигна предупредувањето дека сите оние што нема да го почитуваат Договорот со Грција ќе се најдат на „црната листа“, бидејќи работат на дестабилизација на регионот.
-Станува збор за лица кои се одговорни или се вклучени, директно или индиректно, во нарушување или во активност што го попречува или е закана за имплементацијата на кој било регионален безбедносен, мировен или договор за соработка или рамковен договор поврзан со Западен Балкан, вклучувајќи го Договорот од Преспа од 2018 година, гласи дел од извршната наредба на Бајден.