12.8 C
Скопје
17. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Средба Царовска-Ружиќ: Се стремиме кон создавање квалитетно образование

Унапредување и зајакнување на соработката во образованието и науката помеѓу Северна Македонија и Република Србија беше тема на денешниот билатерален состанок во Белград на министрите за образование и наука Мила Царовска и Бранко Ружиќ . Во заедничката изјава за медиумите после состанокот министерката Царовска истакна дека и двете земји се стремат кон создавање на квалитетното образование кое е во најдобар интерес на учениците. Затоа е неопходна соработка, поддршка и размена на искуства во остварувањето на оваа приоритетна цел.

“Северна Македонија засилено работи на подобрување на својот образовен систем. Во согласност со препораките на меѓународните организации и институции како што се ОЕЦД, УНИЦЕФ, УСАИД, но и врз основа на домашните анализи усвоивме нова концепција со која стартуваме од идната учебна година во прво и четврто одделение. Наша цел е да обезбедиме образование достапно за секое дете и учениците да стекнат знаење, притоа оспособувајќи ги да го користат знаењето, да развијат социјални и емоционални вештини, умешност за критичко и креативно мислење, самодисциплина, љубопитност и чувство на припадност и цел. Главниот фокус на новата концепција се токму инклузивниста и поттикнувањето на полниот потенцијал на секое дете преку критичко и креативно мислење со кое очекуваме да ги подобриме резултатите на тестирањата и да се изедначиме со знаењата на учениците од регионот”, рече Царовска.

Една од темите за која што се зборуваше е и дигитализацијата на образованието, нешто на коешто, забрзано работи и Република Србија. Дигитализацијата се спроведува и Република Северна Македонија, а пандемијата со Ковид-19 само уште повеќе го забрза овој процес.

“За реализација на учебната 2020/2021 година се одлучивме за хибриден модел на настава: со физичко присуство од 1-3 одделение, онлајн за погорните и средните училишта и емитување на часови преку Националната телевизија како и достава на печатени материјали до учениците кои немаат ИТ уреди. Овој модел се покажа како многу ефективен затоа што онлај наставата беше со успешност од над 98 %, а помалку од 1 % имавме активни случаи на Ковид-19 помеѓу наставниците и учениците со физичко присуство. На овој начин обезбедивме континуитет на наставата во текот на целата година и го спречивме ширењето на заразата во училиштата”, рече Царовска. На состанокот се разговараше и за искуствата од Дигитализацијата на услугите во образованието.

Република Северна Македонија за многу краток период успеа да ги дигитализира услугите за нострификација на дипломи, за аплицирање за степендии, како и за упис во прво одделение во основно образование. На овој начин се доближуваат услугите до граѓаните, и се обезбедува поднесување документи без физичко присуство на шалтерите.

Една од темите беше и воведувањето на дигиталните учебници нешто на што работи и Република Србија. Министерката истакна дека со оваа реформа се стартува од идната година во четврто одделение каде ќе се даде предност на користење на дигитални и мултимедијални материјали за учење, кои ќе бидат дополнителна алатка во совладувњето на материјалот.

Исто така се зборуваше и за наставата на српски јазик во Северна Македонија. “Нашата држава ги почитува правата на заедниците со што создава мултиетничко и мултикултурално општество, тоа е и еден од основните столбови на новата образовна концепција. Во подрачјата и општините кадешто живее претежно српско население наставата од 1-9 одделение се одвива на српски јазик. Исто така, овозможено е и изучување на предметот јазик и култура на Србите од 3-9 одделение”, рече Царовска.