Вкупно четири компании се добитници на финансиска поддршка во рамките на првиот „Предизвик за дигитализација на земјоделство” кој го спроведува Фондот за иновации и технолошки развој во соработка со Минстерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) и Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) финансирана од Швајцарската Агенција за развој и соработка.
Проектот: „FIELLDTEQ – дигитална земјоделска мултијазична платформа и мобилна апликација” на скопската компанија 8ТЕК, АгФутура Технологии со проектот „Центар за дигитално земјоделство”, Агродидаем Технологија – Битола со проектот „Агромилк Д21- Контролер за резервоари за млеко” и Дрон Опс од Штип со проектот „Конструкција на дрон за набљудување, мерење и аналитика” се четирите стартап компании кои со своите решенија ќе работат на трансформација на земјоделскиот сектор и ќе придонесат кон поефикасно и поодржливо земјоделство.
„Во изминатите месеци континуирано работиме на креирање на ново протфолио, со инвестиции кои се потесно насочени кон одредени сектори кои се од од голема важност за развој на македонската економија. Глобалните трендови покажуваат дека технологиите се клучни во развојот на земјоделството и затоа ќе продолжиме да инвестираме на тоа поле и во иднина. Овие домашни стартапи понудија иновативни решенија чијашто имплементација директно ќе се рефлектира врз продуктивноста, попрецизното земјоделство и автоматски врз зголемувањето на приходите на земјоделците. Програмите кои ги креираме во Фондот, од повик до повик покажуваат дека сме на добар пат да го трансформираме македонскиот стартап еко систем “, посочи Коста Петров, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.
Вкупниот буџетот за финансирање на четирите избрани решенија изнесува 6 милиони денари. За поединечен предлог проект, ФИТР обезбедува финансирање до 90% од вкупниот буџет, во максимален износ од 1, 5 милиони денари. Апликантот треба да обезбеди минимум 10% од вкупниот буџет на проектот а рок за реализација на проектите е 12 месеци.
Поддржаните компании ќе добијат и менторска поддршка и поддршка во комерцијализација на иновациите од страна на Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ).
На предизвикот кој беше отворен од 16.03 до 16.04.2021год. се пријавија вкупно 38 компании.