Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, придружуван од министерката за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи Бујар Османи, ја предводи владината делегација на годинешниот Самит на НАТО 2021 на шефови на држави и влади во Брисел.
Премиерот Заев ќе учествува во работата на Северноатлантскиот совет на НАТО на кој лидерите на земјите членки ќе разговараат за најважните прашања за иднината на Алијансата.
Во продолжение на ова ви ја пренесуваме во целост изјавата на премиерот Заев пред почетокот на пленарната сесија на Северноатлантскиот совет:
„Навистина е одлично да се биде тука, многу сум почестен.
Ова е историски момент за мојата земја. Ова е прв самит на НАТО за Северна Македонија како полноправна членка. Тоа е исто така прв Самит за НАТО со 30 членки. Ова е голем успех и за Северна Македонија и за НАТО.
Членството во НАТО беше реализација на нашата стратешка цел, но дополнително со нашето членство, Алијансата ја подобри безбедноста и стабилноста на регионот на Западен Балкан.
Ние сме посветени на визијата за Балканот во 21 век, како регион на мир, стабилност и зголемена регионална соработка за економски придобивки и просперитет на сите граѓани.
Силно веруваме дека е потребно сите земји од Западен Балкан да имаат кристално јасна евроатлантска и ЕУ перспектива. Оставањето вакуум во нашиот дел од Европа не е опција. Потребни ни се предвидливи, кредибилни и повторно засилени процеси на интеграција во ЕУ и НАТО.
Денес сме тука за да го потврдиме нашето единство, кохезија и солидарност. Ние исто така ќе се осврнеме на идните предизвици и заедно ќе донесеме одлуки на стратешко ниво за понатамошно прилагодување на НАТО.
Ние ги делиме истите вредности, стоиме рамо до рамо со нашите сојузници и сме целосно посветени на нашата колективна безбедност: Затоа што ние сме НАТО. Заедно сме посилни!“