24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Османи: Важен ден за алијансата, со важни и амбициозни одлуки

На самиот почеток на лидерскиот НАТО-самит на земјите членки на алијансата, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во изјава за медиумите ги презентира очекувањата од самитот, на кој треба да бидат донесени амбициозни одлуки и да се потврди посветеноста на алијансата кон трансатлантската врска. Османи зборуваше и за очекувањата за главна тема, иницијативата „НАТО 2030“, чија цел е подготовка на алијансата за следната деценија.

„Денес е навистина важен ден не само за нас туку и за целата алијанса. По напорни консултации и неколку подготвителни министерски состаноци на кои лично присуствував, денес, во седиштето на алијансата во Брисел, се одржува самитот на НАТО, на кој ќе се заокружат главните насоки за иницијативата ‘НАТО 2030 година’. На маса денес е амбициозна трансатлантска агенда, која треба да обезбеди поголема улога на алијансата во креирањето на долгорочната безбедност, но и поголема синергија, поголема интеграција на самите земји членки кога се работи за заедничката безбедност“, истакна Османи.

Тој го истакна значењето што алијансата го придава на борбата против хибридните закани и преземените натамошни активности за справување со овие современи предизвици, а изрази и поддршка за трансатлантското партнерство како камен-темелник на нашата колективна безбедност.

„Трансатлантското партнерство останува камен-темелник на нашата колективна безбедност. Денес, ќе ги утврдиме насоките за улогата на алијансата во актуелните закани и безбедносни предизвици; но, покрај горливите проблеми, ќе бидат дефинирани и насоките за справување со новите современи предизвици, како што се хибридните предизвиците. Воедно, ќе се постават основи за продлабочена соработка на сојузниците во зајакнувањето на отпорноста, одржување на предноста во технолошкиот развој и поблиска соработка со партнерите“, нагласи Османи.

Османи се осврнува и на нашата определба како земја кандидат за членство во ЕУ, како и потребата за зголемена стратешката соработка меѓу НАТО и ЕУ.

„Заокружувањето на Европската Унија со интеграција на Западен Балкан претставува геостратешка инвестиција за целиот континент. Нашиот придонес во ова партнерство е јасен – и на овој самит ние ќе ја потврдиме нашата определба – ние сме НАТО!“, заклучи Османи.