35.8 C
Скопје
3. август 2021
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Centar Македонија

Маричиќ: Очекувам свесност и одговорност, а не блокади, од опозицијата за новите закони во Собранието

„Ако целта на дел од пратеничките групи е да блокираат за да се покаже дека Собранието не функционира се ќе биде џабе“, истакна министерот за правда Бојан Маричиќ, во „Само вистина“, коментирајќи ги сите предлог законски решенија од областа на правото кои допрва ќе се најдат пред пратениците.

-Се работи на Закон за потекло на имот заедно со ДКСК. Ќе имаме и измени во Кривичниот законик, каде нападите врз новинарите ќе се сметаат како напади врз службено лице, потоа измени за насилствата врз жените што произлегуваат од Истанбулската конвенција… Се надевам до крајот на година ќе имаме и нов Кривичен законик. Веќе е готов Законот за парнична постапка и Законот за адвокатура, тие се во владина процедура и наскоро ќе се најдат во Собрание, откри министерот Маричиќ.

Но за сите овие предлог законски решенија, додава Маричиќ, очекува и свесност и одговорност од ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алијанса и Алтернатива.

-Треба да се влезе во една нормалност на Собранието, се блокираа многу нешта, па дури и помошта за граѓаните. Ова се системски закони и дел од нив се носат со двотретинско мнозинство, нагласи министерот за правда.

Тој откри и дека доколку има консензус околу промена на изборниот модел во Собранието ќе се расправа и за нов Изборен законик. Во меѓувреме, тој очекува да бидат изгласани измените од препораките на ОБСЕ/ОДИХР, а најави и дека наскоро ДИК ќе го распише тендерот за набавка на машини за отпечатоци од прст, кои би се користеле од претстојните локални избори.

– Првите измени на Изборниот законик што се однесуваат на отпечатокот од прст се веќе во Собранието. Во ребалансот на буџетот се предвидени 12 милиони евра за оваа операција, скапа операција, но сепак го уваживме барањето на опозицијата. Кога ќе се набави таа опрема треба да има и обука на членовите на ДИК и општинските комисии, заклучи Маричиќ.