Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Кому ќе останат затворени вратите на САД, и ВМРО ДПМНЕ на листата како дестабилизирачки фактор

Да се најде на црната листа на САД му се заканува на секого кој не ги почитува Преспанскиот и Охридскиот рамковен договор. Според најновиот декрет што го потпиша американскиот претседател Џо Бајден на листата ќе се најдат сите поединци кои работат против клучните договори од Западен Балкан, бидејќи во спротивно би го дестабиизирале регионот.

„Ситуацијата на територијата на поранешна Југославија во последните две децении беше комплексна и вклучува поткопување на повоени конфликти, како и раширена корупција во многу институции во оваа област. Оваа наредба претставува закана за националната безбедност и надворешната политика на регионот“, нагласи Бајден.

За одговорни се сметаат оние што ги прекршиле договорите за регионална безбедност и мир, како Договорот од Преспа, Охридскиот рамковен договор, Резолуцијата 1244 и Дејтонскиот договор.
Американската администрација засега не ги наведе имињата, но започна лицитацијата за кои лица станува збор, односно кој се јавно, барем кај нас, изјавил дека нема да го почитува Преспанскиот договор, кој доведе до промена на уставното име и откочување на евроатлантските интеграции.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски е еден од повеќето опозициски политичари што најавуваа ревидирање на Преспанскиот договор.
-Ние имаме против содржината на тој Преспански договор затоа што цврсто веруваме дека на тој начин некој се откажа од македонскиот идентитет. И тоа е мое право како Македонец, да имам различно мислење, затоа што се чувствувам навистина погоден, изјави Мицкоски во гостување на ТВ21.

Уште една македонска парламентарна партија е на ставот дека се залага за поништување на Преспанскиот Договор и бришење на називот „Северна“ од Уставот на земјата.
-Секоја наредна Влада на РМ, согласно Виенската конвенција за договорно право, ќе има правна можност да го раскине, односно еднострано да го поништи овој екстремно штетен и квислиншки т.н. Преспански договор меѓу Коѕијас и Димитров, изјави претседателот на Левица, Димитар Апасиев во интервју за Лидер.мк.

Сличен став за Преспанскиот договор како оној на Мицкоски и Апасиев споделија и други опозиционери, претежно од десницата, но досега никој јавно не го искоментира најновиот декрет на американскиот претседател.

Декретот се однесува за сите оние што директно или индиректно ги нарушуваат мирот, безбедноста, стабилноста или територијалниот интегритет на земјите од Западниот Балкан, како и секој кој се впушта во акции или политики што ги нарушуваат демократските процеси и институции во регионот.

Спонзорирано: