23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

MOT: Пандемијата ги зголеми невработеноста и сиромаштијата ширум светот

Кризата на пазарот на трудот предизвикана од глобалната пандемија од Ковид-19 сè уште не е завршена, а растот на вработеноста во светот нема да може да ги надомести претрпените загуби до 2023 година, ова е последната проценка на Меѓународната организација на трудот (МОТ).

Според предвидувањата, загубите на работни места предизвикани од светската криза во тековната година ќе достигнат 75 милиони, додека во 2022 година тие ќе паднат на 23 милиони работни места.

Како последица на тој тренд, стапката на невработеност во светот се очекува да биде 5,7 проценти во 2022 година, или 205 милиони работоспособни луѓе, што е значително повеќе од 187 милиони во предпандемиската 2019 година.

Најголеми загуби на работното време во првата половина на 2021 година претрпеа регионите на Латинска Америка, Европа и Централна Азија. Во тие делови на светот се проценува дека загубите на работно време надминуваат осум проценти во првиот и шест проценти во вториот квартал, во споредба со глобалните загуби на планетите од 4,8 и 4,4 проценти, соодветно, во првиот и вториот квартал.

Се предвидува дека заздравувањето на глобалното вработување ќе се забрза во втората половина на 2021 година, под услов да не се влоши состојбата со пандемијата. Закрепнувањето ќе биде нерамномерно поради нееднаквиот пристап до вакцини и ограничениот економски капацитет на земјите во развој за поддршка на мерките за фискален стимул. Покрај тоа, квалитетот на нови работни места веројатно ќе се влоши во тие земји, се вели во извештајот на МОТ.

Падот на вработеноста и вкупниот обем на работно време предизвикаа нагло опаѓање на приходот од работна сила и зголемување на сиромаштијата. Во споредба со 2019 година, дополнителни 108 милиони работници ширум светот се категоризираат како сиромашни и екстремно сиромашни, што всушност значи дека тие и нивните семејства живеат со дневни примања помали од 3,20 американски долари по лице.

Како што се наведува во извештајот, нема забележан глобален напредок во искоренувањето на сиромаштијата во последните пет години, а тоа ја прави неостварлива целта на Обединетите нации за искоренување на сиромаштијата до 2030 година.

Кризата предизвикана од пандемијата „Ковид-19“ ги погоди ранливите работници, се вели во извештајот на МОТ.

Кризата несразмерно ги погоди жените. Нивното вработување во 2020 година падна за пет проценти во споредба со 3,9 проценти кај мажите.

На глобално ниво, вработеноста кај младите исто така опадна за 8,7 проценти во 2020 година, во споредба со 3,7 проценти кај возрасните, а најизразен пад е забележан во средно развиените земји.