Зголемување на даноците при тежок пат на опоравување на економијата е надвор од секаква логика, истакна на денешната прес конференција, Гордана Димитриеска Кочоска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„За сѐ што се случува денес, ние како опозиција предочивме пред кризата, во текот на кризата, а сега дојде признание директно од МАНУ. МАНУ призна дека дојдовме до плафонот на јавниот долг и дека е потребна итна фискална консолидација. Но, почитувани се заговара зголемување на даночните стапки? Прашуваме: Зошто фискалната консолидација не започне од расходната страна на буџетот? Зошто не се посегне прво по СИВАТА економија? Зошто не ги консолидирате прво финасиите НА ЦЕНТРАЛНО И НА ЛОКАЛНО НИВО? Зошто кај некои општини наплатата на даноците е ниска, а некои немаат наплата на данок на имот? Зошто во некои општини се трошат државни пари за скапи коли и ручеци среде криза? Зошто за ова никој не сноси одговорност?“, запраша Димитриеска Кочоска.
„Зошто посегнувате по расположливиот доход на граѓаните кој ТРЕБА ВЕДНАШ, А ТРЕБАШЕ И ВЧЕРА да го запрете расипничкото трошење на државните пари, да ги запрете вработувањата во јавната администрација, да престанете со корупција на највисоко ниво, со тендери во четири очи на блиски луѓе на Зоран Заев, да престанете со огромните суми на трансфери до невладини организации за ваша промоција. ДА ПРЕСТАНЕТЕ со сѐ она што НЕ остава простор за капитални инвестиции, за финансирање на здравство, за образование и за помош во економијата“, потенцира таа.
Според неа, воведување на прогресивен данок при нарушена ликвидност и солвентност на фирмите ќе значи само продолжена тенденција на отпуштања и продлабочување на невработеноста или пак ќе влијае негативно врз потрошувачката.
„Зголемување на даночната стапка на ДДВ-то во услови на континуиран раст на малопродажните цени на производите и услугите, дополнително ќе ја подгрее ИНФЛАЦИЈАТА. Воведување на КРИЗЕН ДАНОК по примерот на 2001 година, требаше да биде воведен во текот на 2020-та година за да не креирате толку голема буџетска дупка и раст на јавниот долг. Во земја во која сивата економија е околу 30-40% од БДП и не е оданочена, треба да се почне од неа“, сугерира Димитриеска Кочоска.
Таа дополни дека владата треба да ја зајакнете даночната администрација и инспекциските служби, а не како што рече да вработува по наредба некомпетентни инспектори, а другите да ги отпушта заради критична мисла.
Најави дека нејзината партија ќе го вложи целиот капацитет да се спротивстави на зголемувањето на даноците.