„До крајот на неделата, Портогалското претседателство со ЕУ ќе достави Стратегија до Бугарија и Северна Македонија за решавање на проблемот. Нашите црвени линии се јасни – ако се чепнат македонскиот идентитет и македонскиот јазик, ние се тргаме од преговорите. Тоа е јасно и европска вредност, за идентитет, никој, никогаш не разговарал“ кажа премиерот Заев во гостувањето на „Утрински брифинг“.
Тој објасни дека во Бугарија во моментов има техничка влада и нема да биде лесно да се постигне решение и повтори дека на изборите бугарскиот народ покажа дека сака европско лидерство и решавачи на проблеми.
„Таму сега има техничка влада на предлог на сите партии. Сите имаат свои луѓе во таа влада, а кога се сите заедно зошто да не биде полесно да се дојде до решение, отколку кога само една страна е во Владата?“ запраша Заев.
Премиерот Заев најави дека Португалското претседателство се надева на изнаоѓање решение до 22 јуни, рокот до кога треба да се донесе одлуката за одржување на меѓувладините конференции со Северна Македонија и Албанија.
„Првата меѓувладина конференција би се одржала во рамките на Португалското претседателство, што значи меѓу 22 и 30 јуни, што е добро. Тие се креативни и имаат искусни луѓе кои ги подготвуваат решенијата“ кажа Заев.
Тој додаде дека постојат неколку предлози во ЕУ за надминување на македонско-бугарскиот спор, а некои од нив доаѓаат и од грчкиот премиер Мицотакис.
„Пријатно ми е што грчкиот премиер е креативен во полза на Северна Македонија и за продолжување на европскиот пат на земјава“ кажа Заев.