Планот за обучување на наставниците за принципите на новата Концепција за основно образование и начинот на примена на новите наставни програми за прво и четврто одделение, започна со обука на 22 универзитетски професори и 22 наставници од основните училишта.
Тие ќе треба да стекнат компетенции на обучувачи и потоа искуствата да им ги пренесат на околу 3.000 други наставници во следните два модула кои ќе се спроведат во јуни и август.
Денешната обука ја посети министерката за образование и наука, Мила Царовска која рече дека обуките се следниот чекор во рамки на планот за воведување на најкрупната реформа на македонскиот национален образовен систем која започнува од септември.
„Наставниците кои треба да бидат обучувачи на наставниот кадар во прво и во четврто одделение се веќе со расчистени дилеми за голем дел од работите на кој начин да се спроведуваат и што е она што треба да биде придобивка од оваа концепција. Следува периодот во кој тие самите ќе треба да изготват тренинзи и да ги спроведат во мај, како и од 15 јуни до 15 јули, а третиот модул на обука ќе биде последен и ќе биде баш пред стартот на учебната година“, рече Царовска, додавајќи дека целта на обуката на наставниот кадар е наставниците што поспремни да влезат во училница и да ги реализираат наставните програми за прво и четврто одделение како што е предвидено.
Министерката нагласи дека Новата концепција предизвика промени во Законот за наставници и стручни соработници, законското решение кое е во собраниска процедура.
„За првпат се утврдува кариерниот развој кој од 2006 година бил ветуван, но за прв пат оваа година се случува. Имаме повеќе од 240 наставници коишто многу скоро ќе станат ментори и до крајот на месец април треба да се објави и вториот повик за ментори. Но, во законското решение сега за прв се позиционираат и повеќе ментори во едно училиште, како и се утврдува дека вработувањето на наставникот е на неопределено време, а со тоа се спречува понатамошна злоупотреба на наставниот кадар која со години се правеше. Односно се спречуваат неизвесноста, економското држење во стеги и правната несигурност која ги правеше наставниците понесигурни и не дозволуваше нивните капацитети и креативност да излезат на виделина и да тие единствено се посветуваат на квалитетот на наставата“, рече Царовска.
Нагласи и дека за првпат се поставува минималната плата како основа што укажува дека усогласувањето на минималната плата ќе влијае и на усогласувањето на платата на наставниот кадар, што е голема придобивка за наставниците и сето ова ќе ги мотивира и дека голем дел од нив веќе се со позитивни критики и сега единствено им останува да се посветат на учениците.
„Оваа реформа првпат го поставува ученикот и детето во центарот, но грижата за наставникот е неопходна и пред сé зашто ни еден концепт, ни една наставна програма не може да биде добра ако наставниците не се доволно обучени и доволно мотивирани. Сметаме дека и ги обучуваме и ги мотивираме со новото законско решение за да имаме квалитетно образование“, рече Царовска.
И наставниците кои се дел од денешната обука и ќе станат Национален тим на обучувачи за Концепцијата и наставните програми, велат дека се задоволни од начинот на организација и содржината на обуките.
„Во овие два дена од обуката е добро што ние поминавме низ некои теми кои ги содржи концепцијата, а кои не беа експлицитно дадени во самите програми на наставниците, а тоа се инклузивното образование, родовата сензитивно и мултикултурализмот. Обуките течат интерактивно, со многу вежби и примери и ќе бидат голема придобивка за наставниците кои ќе ги спроведуваат програмите“, рече наставничката и иден обучувач Злата Анчевска.
„Сите дилеми кои ги имав за Концепцијата со обуките полека ми се расчистуваат и сите стравови полека се намалуваат. Се надевам сите ние наставниците ќе ја разбереме вистински концепцијата и ќе ги надминеме сите предизвици и ќе се менуваме, бидејќи без промена на наставниците, образованието не може да оди напред“, рече Соња Кирковска која е исто така дел од тимот на обучувачи за примена на новата Концепција и наставните програми.