25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Претседателот Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Република Малта, Мери Шиклуна

Претседателот Стево Пендаровски денеска оствари разговор преку видео-врска со новоименуваната амбасадорка на Република Малта во Република Северна Македонија, Мери Шиклуна, по повод предавањето на акредитивните писма кои, поради пандемијата на Ковид-19, ги достави по писмен пат.

Во разговорот со новоименуваната амбасадорка на Малта, претседателот Пендаровски го поздрави засилениот политички дијалог меѓу Република Северна Македонија и Малта и изрази очекување дека позитивниот развој на билатералните односи ќе резултира со конкретна соработка во повеќе области од взаемен интерес.

Соговорниците посочија дека двете земји располагаат со големи потенцијали за унапредување на соработката во сферата на економијата, здравството, културата, образованието и туризмот. За таа цел е неопходно натамошно проширување на договорната рамка.
Претседателот Пендаровски се заблагодари за искрената поддршка од Малта на патот на европската интеграција на Северна Македонија, посочувајќи дека размената на искуства во реформскиот процес е секогаш добредојдена.

На средбата, претседателот посочи дека во Малта живеат и работат голем број граѓани на Република Северна Македонија, кои како заедница претставуваат значаен мост за понатамашно зближување на двете земји.

На амбасадорката Шиклуна, претседателот Пендаровски и посака успешно вршење на дипломатската должност и изрази уверување дека нејзините напори ќе придонесат за натамошно зајакнување на соработката меѓу двете земји.