Студијa подготвена од домашни и странски експерти која се однесува на подготовка на предлог-закон за потекло на имот денеска беше презентирана пред вицепремиерот задолжен за борба против корупција и криминал, Љупчо Николовски, од страна на меѓународни експерти од Советот на Европа.
Преку вакво законско решение, ќе треба да се докажува на кој начин е стекнат имотот и капиталот, во случај кога постои сомневање дека се надминати редовните оданочени приходи.
„На наша иницијатива, а со експертска и техничка помош од Советот на Европа, е подготвена физибилити студија. Очекуваме со овој закон да се надминат и досегашните пречки за проверка на имотот на актуелните функционери и оние фунцкионери на коишто им истекол мандатот“, нагласи вицепремиерот.
Според Николовски, со Законот за потекло на имот за првпат ќе се воведе контрола на капиталот, со што се отвора патот за конфискација на нелегално стекнатиот имот и се спречува незаконско богатење врз грбот на граѓаните.
„За првпат носиме ваква храбра одлука, за спроведување на системски реформи, за создавање на функционален систем, со транспарентни институции во служба на граѓаните“, рече вицепремиерот.
Подготвената студија содржи компаративна анализа на меѓународни искуства за проверка на потеклото на имот и капитал, анализа на домашната правна рамка и досегашни искуства, детектирани слабости во институционалниот систем и идни насоки за креирање на новото законско решение.
Веќе е формирана работна група во чиј состав се домашни и меѓународни експерти кои започнуваат со подготовка на законските одредби.