По многу години, 20.000 жени од општина Шуто Оризари добиваат матичен гинеколог. Министерството за здравство набави и опреми специјалистика ординација со што се решава овој голем проблем со кој се соочуваа жените од оваа општина, посочи министерот Венко Филипче, кој присуствуваше на отворањето на гинеколошката ординацијата.
„Навистина ми е мило што еве денеска можеме да одбележиме еден сметам навистина значаен настан, нешто што ќе значи многу полесен пристап кон здравствена заштита, а тоа отворањето на гинеколошка ординација во општина Шуто Оризари. Со ова на близу 20.000 жени коишто живеат во оваа општина ќе им се овозможи пристап до гинеколошка здравствена заштита, рана дијагноза на одредени болести, редовни прегледи и сè што значи квалитетна здравствена услуга во делот на таа специјалност. Ние направивме сериозни напори изминатите неколку месеци, од страна на Министерството за здравство набавивме посебна специјалистичка опрема во вредност од 39.000 евра. Таа гинеколошка ординација е целосно опремена според најсовремените стандарди со посебен стол, одредени апарати во делот на клопоскопија, најсовремен ехоапарат“, рече Филипче.
Министерот посочи дека изминатиов период заедно со граѓанските организации, активни во општината, сите жени од општината добивале помош во делот на советувања, соодветна терапија, во делот на упатувањата кон соодветни специјалисти. По долги години, сега жените нема да бараат здравствени услуги во други здравствени установи.
– Гинекологот што го најдовме се согласи да регистрира своја ПЗУ и практично овде да ја оформи својата ординација заедно со медицинската сестра која е практично во оваа населба. Уште една поликлиника која веќе го зема под закуп просторот за матични лекари, поликлиниката се пријави има два дополнителни тимови кои ќе бидат матични лекари и кои ќе може да им бидат на располагање на сите жители од оваа населба. Значи, се заокружува еден сериозен процес на олеснување на пристапот кон здравствена заштита на сите жители коишто живеат во оваа населба – рече министерот
Филипче истакна дека изминатиов период интензивно се работеше со повеќе партнери, кои помогнаа за подобрување на здравствените услуги во оваа општина.
-Сакам да се заблагодарам на амбасадорката на Сојузна Република Германија која во неколку наврати претходно излезе во пресрет и од страна на амбасадата донираа сериозна количина на заштитна опрема. Амбасадата на Народна Република Кина благодарение на кои се набави медицинска опрема, целосно се реконструираше кровот на оваа јавно-здравствена установа така што мислам дека сега оваа поликлиника која функционира во рамките на Здравствениот дом Скопје полека почнува да ги има сите сегменти во делот на примарна здравствена заштита. Сакам исто така да упатам благодарност за активноста којашто ја покажуваат ромските медијатори, тоа е програма којашто функционира во рамките на Министерството за здравство, медијаторите се физички сместени тука во Поликлиниката – изјави Филипче.