23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Заев и Царовска по средбата на ПМФ: Постигнавме согласност за Колективниот договор, повеќе пари за наставно-научниот кадар

Премиерот Зоран Заев заедно министерката за образование и наука Мила Царовска денеска на Природно-математичкиот факултет остварија средба со деканот Александар Скепаровски и продеканите на факултетот на која беше дебатирано за усвојувањето на Колективниот договор за високо образование и наука.

Во изјавата за средбата премиерот Заев рече дека конечно е постигнат договор којшто неколку претходни Влади не успеја да го остварат.

„Ние во последните две-три години, низ инклузивна размена на мислења со управите на високо-образованите институции и со синдикатите, успеавме да го доведеме до неговата завршница. Со Колективниот договор е предвидено и зголемување на плататa на наставниот и ненаставниот кадар во 2021 година и во 2022 година. Со стабилизацијата на економската ситуација од последиците од панедмијата со Ковид-19, ваквата динамика на раст на платите ќе продолжи и до 2025 година“, истакна Заев.

Со овој Колективен договор за првпат по 30 години се уредува системот на плати во високото образование и се спречуваат неизвесностите на кои со години беа изложени научниот, наставниот и ненаставниот кадар во високото образование. Дополнително колективниот договор за првпат ја уредува и основната бруто-плата со коефициент на сложеност на работното место во високото образование.

„Едно од позабележителните постигнувања со овој Колективен договор е и уредувањето на исплатата за минат труд, кој во изминатиот десетгодишен период или не се исплаќал или се исплаќаа со големи тешкотии од страна на високообразовните установи“, нагласи Заев.

Министерката за образование и наука Мила Царовска посочи дека продолжуваат инвестициите во науката.

„Оваа година во споредба со минатата година имаме 12% повеќе финансиски средства за наука и во идниов период ќе работиме на системско финансирање на лабораториите коишто се акредитирани, а оние кои не се акредитирани да успееме да станат акредитирани на факултетите и да продолжат да создаваат наука којашто е апликативна и ќе приденесе за целокупниот развој на нашата држава“, рече Царовска.

Колективниот договор, како што рече Царовска, е големо достигнување и очекува наредната недела да биде потпишан со синдикатите.

„Овој Колективен договор за првпат ја уредува основната бруто-плата во високото образование, којашто 30 години не била утврдена и ги утврдува коефициентите на сложеност на работните места коишто се во високото образование. На тој начин се обезбедува квалитет во високото образование, но и конечно да имаме поорганизиран систем којшто тековно ќе може да се опслужува со согласности за вработување и да не се доведуваме во ситуација во којашто кога одреден процент на професори ќе се пензионираат да немаме можност за нивна замена, за да одредена научна дисциплина да продолжи да се остварува на факултетите“, потенцираше министерката Царовска.