25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Владата ќе ги разгледа препораките за рестриктивните мерки

Владата денеска на седница ќе ги разгледа препораките на Комисијата за заразни болести за продолжување на рестриктивните мерки до 27 април.

Тоа значи дека полицискиот час и во текот на оваа недела ќе почнува во 20 часот, а угостителските објекти ќе бидат затворени. Со последните рестрикции, воведена беше забрана и за работа на сите обложувалници, сали наменети за вежбање, како и организирањето на секаков вид семинари и конференции.

Владината прес-служба вчера соопшти дека во случај на потврдување на трендот на опаѓање, Главниот координативен штаб ќе ја разгледа можноста за намалување на рестрикциите, исклучиво во случај на континуитет во падот на бројот на заразени и бројот на хоспитализирани лица.

Ваквата одлука би се однесувала за: во периодот од 27 април 2021 година, заклучно со 15 мај 2021 година, да се отворат угостителските објекти за работа со гости во отворениот дел од угостителскиот објект (само летни тераси, градини, а не во затворениот дел); забраната и посебниот режим на движење да почнува од 21 часот до 5 часот наредниот ден; да ги разгледа можностите при намалување на рестриктивните мерки да се дозволи организирање спортски тренинзи организирани од страна на фитнес-центри/клубови на отворен простор (наместо во затворена спортска вежбалница/сала); други мерки во зависност од епидемиолошките текови и состојби во државата.

Наведените предлог-мерки на Комисијата за заразни болести ќе се разгледуваат исклучиво доколку се задржат трендовите на опаѓање на бројките на новозараени и хоспитализирани лица за што клучно е почитувањето на личните мерки за заштита од Ковид-19 и активните протоколи за функционирање во услови на Ковид-19, стои во писменото известување од надлежните.