24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Мицкоски на средба со директорот на ИРИ: Власта целосно потфрли со пандемијата и заглави во криминал

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, генералниот секретар на партијата, Ѓорѓија Сајкоски и членот на ИК, Стефан Андоновски денеска остварија средба со Овен Паун – директор на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) за Македонија.

Како што информираат од партијата, на средбата Мицкоски потенцирал дека власта потфрлила да ги заштити граѓаните и навреме да обезбеди вакцини против Ковид-19.

„Поради тоа заостануваме позади Европа и регионот, а Македонија често се наоѓа во врвот на земји со најмногу починати на листите на милион или 100.000 жители“, посочил Мицкоски.

Во однос на политичката ситуација, лидерот на партијата рекол дека власта со бројните коруптивни афери ја нарушила довербата кај меѓународната заедница.

„За коруптивноста на власта и инволвираноста во криминали доказ се последните случувања со заплена на дрога и коруптивни афери во кои осомничени се владини функционери и лица блиски до власта“, кажал Мицкоски.

На средбата се дискутирало и за соработката помеѓу ИРИ и ВМРО-ДПМНЕ, при што било нагласено дека во иднина се планира проширување на соработката во подготовка на програмата и работата пред следните избори.