Министерката за образование и наука, Мила Царовска, на денешниот онлајн состанок со Росана Дуџак, постојан координатор на ОН во Северна Македонија, и претставници на неколку агенции од системот на ОН, укажа на реализацијата на новиот образовен модел кој има за цел секое дете да го постигне својот полн потенцијал.
Од септември се воведува новиот концепт на учење во прво и четврто одделение, а за таа цел веќе се објавени огласите за изработка на материјали за учење и за илустрација на содржините. Во собраниска процедура е новиот Закон за учебници, како и измените на Законот за наставници и стручни соработници, кои се дел од реформскиот пакет, информира Царовска.
Таа зборуваше и за унапредувањето на средното стручно образование.
„Преку процесот ‘Учи паметно, работи стручно’ работиме на подигнување на свеста за важноста на овој тип образование. Со новиот конкурс за упис во средно образование во учебната 2021/2022 отворени се 97 дуални паралелки со зголемен обем на практична обука за 2.001 ученик. Подобрена е политиката на стипендирање, обезбеден е фонд за 2.200 стипендии за ученици од прва година, во вкупна вредност од околу 60 милиони денари, што е 10-кратно зголемен буџет во однос на минатата учебна година“, рече Царовска.
Министерката наведе дека за првпат од следната учебна се воведува услугата образовна асистенција која е предуслов за обезбедување инклузивно образование и таа ќе се финансира преку буџетот на министерството. За оваа услуга, како што рече, изготвени се нормативи и стандарди и дадени се описите на компетенциите и работните задачи, а во наредниот период ќе се организираат обуки за тренинг на тренери, кои понатаму ќе испорачаат обуки за идните образовни асистенти.
Претставниците на ОН-агенциите ја нагласија целосната посветеност на соработка во насока на поддршка и координација на развојните и реформски процеси кои се реализираат во Министерството за образование и наука.