10.4 C
Скопје
5. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Ѓорѓиевски: Зошто Спасовски и Заев не распишале потерница по криминалците

Има ли оваа држава претседател и директор на Агенцијата за национална безбедност, запраша Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ, посочувајќи дека во аферата „Мафија“, како што рече, министерот за внатрешни работи и мафијата биле едно исто. Според него, Пендаровски е претседател на државата со безбедносен систем кој е целосно пробиен.

„АНБ, наместо да пишува белешки, треба да се занимава со Шкаљарскиот клан, албанскиот наркоклан барути, италијанската мафија, турската мафија, ИСИС, чии луѓе имаат токму од пасошите што Спасовски ги издава. Самиот факт што власта не го демантира скандалот со давање официјални македонски пасоши и лични исправи на светски криминалци и мафијаши потврдува дека тие се до гуша заглавени во аферата ‘Мафија’. Зоран Заев и Оливер Спасовски се најодговорни за тоа што Македонија давала закрила на криминалот, мафијата и на тероризмот бидејќи документите што ги издавале во постапка на МВР со злоупотреба на матични броеви, имиња и идентитети на наши македонски граѓани“, вели Ѓорѓиевски.

„Никој не може да убедат во тоа дека чиновници и обични полициски службеници сами стапиле во контакт со наркобосови од Албанија, Црна Гора, Србија, Шпанија, Италија или со лица поврзани со ИСИС, самите ги довеле во Македонија, ги однеле во полициска станица, им дале официјален документ и ги пуштиле, па преку граница да крстарат во светот со својот лажен идентитет. Во оваа афера ‘Мафија’ има далеку, далеку поголеми риби.
Владата на Заев и МВР на Спасовски не кажуваат зошто ако наводно ја планирале оваа акција повеќе од една година, зошто не распишале сѐ уште потерници за овие лица? Зошто самите тие не испитаат дали овие лица имале сметки и дали преку тие сметки се вршеле исплати кон и од Македонија?“, праша Ѓорѓиевски.

Според него, Турција го бара Седат Пекер, а Спасовски не. Грција го бара за кокаин Вукотиќ, а Македонија не. Зошто Спасовски и Заев ги штитат?

„Површната и брзоплета акција само на сите ни покажува дека се обидуваат да скријат многу работи од нашата јавност. Тие можеби се обидуваат, ама нема да успеат бидејќи овој сериозен скандал ги надмина границите на Македонија. Со оваа афера не е нарушен само угледот на нашата земја, не е само уништен безбедносниот систем во државата, туку е загрозен и безбедносниот систем на многу други земји. За тоа мора да има сериозна одговорност“, рече Ѓорѓиевски.

Спонзорирано: