24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

(Видео) Петровска: Извештајот на Стејт Департментот е потврда за борбата против корупцијата и криминалот

Осврнувајќи се на Извештајот на Стејт Департментот, пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска вели дека тој е последна потврда за напорите на Владата за бескомпромисна борба против корупција и градење силен, независен и ефикасен правосуден систем.

„Во извештајот на Стејт Депарментот се наведува дека Владата на Северна Македонија демонстрирала поголема почит кон независноста на судството и непристрасност во споредба со претходните години. Понатаму, Стејт Департментот забележува дека Европската Комисија заклучила дека државата направила добар напредок во истрагата и прогонот на криминал на високо ниво“, потенцира Петровска.

Како што истакна Петровска, според извештајот на Европската Комисија, земјава воспоставила механизми за да се обезбеди судска независност и отчетност, вклучително и креирање правила за проверка на имотот и судир на интереси и утврдување дисциплински постапки.

„Секако дека постојат области каде што напредокот не е на задоволително ниво, но тоа за нас е дополнителна причина реформскиот процес да продолжи уште позасилено. Факт е дека овој Извештај, како и оној од ГРЕКО, ја нотираат подготвеноста и посветеноста на Владата предводена од СДСМ во градење на независно судство и бескомпромисна борба против корупцијата“, додаде Петровска.