27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Арсовски: Заев направил кривично дело јавувајќи им на партиски војници да пропуштаат луѓе на граница

Пред само два дена кога излезе скандалот дека Заев лично ѕвонел да се пропуштат луѓе на граничниот премин Деве Баир, од Владата испратија соопштение дека тоа се груби манипулации, а вчера Заев сам призна дека се јавил кај службеничка по име Виолета, посочи на денешната прес-конференција Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Портпаролот на опозициската партија обвини дека под превезот оти бил загрижен за граѓаните што чекаат и сакал да им помогне, премиерот извршил злоупотреба на службената должност и извршил влијание врз службеничката, која ниту смее да прима наредби од него ниту, пак, да постапува.

„Таа единствено смее да постапува во согласност со законските можности и одговорноста што ја сноси на работното место, вклучително по наредба на своите претпоставени, а претпоставен не ѝ е Зоран Заев“, рече Арсовски, според кого скандалозно е и што едно од возилата било странско од Косово, со косовски државјани, што, како што рече портпаролот, е спротивно на она што го говорела државата дека биле македонски државјани.

Воедно, претставникот на опозициската партија вели дека, според нивните информации, службеничката со која Заев зборувал и тврди дека не ја познавал, се вика Виолета Ангеловска, мајка на екссоветник од редовите на СДСМ, Дарко Ангеловски, кој сега е вработен од СДСМ во МВР како инспектор.

„И службеничката Виолета и нејзиниот син се партиски членови на СДСМ за кои Заев вели не ги познава, а им се јавил, односно ѝ се јавил на службеничката. Повторно лаже“, заклучи Арсовски.