25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Мицкоски: Оваа влада не е способна да организира попис

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, новиот бран на Ковид-19 вирусот и „неспособната Влада“ како што ја нарекува „се гаранција дека или ќе биде одложен пописот на резидентното население, или ќе биде уште еден неуспешен обид на Владата“

„Оваа Влада не е способна прегорена улична сијалица да смени, а не пак да организира сложена статистичка операција попис. Уште при првиот ден на евидентирање на дијаспората се случи крах на апликацијата, прво системот падна, слично како и училишниот он-лајн систем, а потоа во истиот можеше да се попише било кој со лажни и измислени податоци“, реагира Мицкоски преку статус на социјалните мрежи.

„Се покажа дека од дијаспората може да се попише секој граѓанин кој живее во Македонија, а тоа докажува дека Владата и Заев како и за сѐ друго не се способни да спроведат било каков процес. Не би ме зачудило ако на крај се евидентираат неколку десетици милиони нашинци од дијаспората. Полека но сигурно, пред очи имаме уште еден циркуз“, пишува Мицкоски.

Додава, дека пописот во Македонија е закажан да почне на 1 април.

Но она што се случува со евидентирањето на дијаспората е електронски метод, што како што вели е методологија која ја има предложено неговата партија.

„Мојот повик за евидентирање на дијаспората се однесува на регистрирање на државјанствата, и тие не влегуваат во резидентното население. Оттука треба да престанат сите спинови, подметнувања и манипулации на Владата. До почетокот на пописот во Македонија 1 април има можност, а ние ќе поднесеме закон за поништување на пописот. Овој закон кој ќе го поднесеме покрај потписите на пратениците поднесувачи ќе го има кредибилитетот и на над 100 илјади граѓани кои се потпишаа со име и презиме за запирање на пописот“, стои во писмената реакција од Мицкоски.