Во која земја бегалец од правдата откако ќе биде вратен, завршува со домашен притвор и низа други екстра поволности, реагира преку соопштение опозициската ВМРО-ДПМНЕ за случајот со Сашо Мијалков.
„Циркусот што го приреди власта на Заев, во содејство со правосудните органи под негова контрола, покажа уште еднаш дека во Македонија не владее правна држава, туку мафијата и криминалот. Бегството на Мијалков и неговото враќање е само една обична театарска претстава која не поминува веќе ни кај членовите на СДСМ“, велат од оваа партија.
Според нив, целиот договор, заедно со анексите е разобличен од јавноста и сите знаат, како што велат, дека се работи за евтин пазар со правдата, нешто што Заев, според нив, во континуитет го прави.
„Резултатите од таквиот договор се наѕираат и јавноста ги претпоставува. Затоа е нервозата кај власта толку голема. Затоа се хаотични во своите постапки, па час распишуваат потерници, час се жалат на системот, час глумат одлучност, час симнуваат телесна температура, час зборуваат за координирани акции. Вистината е дека реакцијата на јавноста и други фактори влијаеја да се пишманат и да се предоговараат“, велат од опозициската партија.
„Зоран Заев покажа дека е врвот на коруптивната и мафијашката пирамида во Македонија, а неговата единствена улога е да координира меѓу криминалните релации“, се додава во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.