25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Филипче: Граѓаните заслужуваат современ Клинички, опозицијата да го одблокира Законот

Министерот за здравство, Венко Филипче, потенцира дека граѓаните заслужуваат нов Клинички центар и ја повикува опозицијата да го одблокира законот во Собрание.

Партиските разлики треба да се надминат кога станува збор за здравјето на граѓаните, за изградбата на новиот Клинички центар претходеа дебати со експерти и пратеници, целиот процес е јавен и транспарентен а новото Законско решение е можност со опозицијата заеднички да се нарави нешто што е важно за граѓаните, смета Филипче.

„Жалам што со 2000 амандмани опозицијата го блокираше законот на Комисијата за здравство во Собранието. Од самиот почеток постапката за изградбата на Клинички центар е отворена и транспарентна. Во Собранието имавме една јавна дебата заедно со експерти, пратеници од претходниот парламентарен состав ја објаснувавме идејата зошто и како е избрана локацијата, зошто беше прекинат оној претходен проект. Во делот на транспарентноста и отвореноста навистина верував дека ќе најдеме заеднички јазик и дека опозицијата ќе се приклучи кон овој проект. На граѓаните да им покажеме дека тоа што е важно да се направи за нив, имаме капацитет да го направиме заеднички, дека ќе ги надминеме овие разлики, дека нема да го блокираат законот. Секогаш кога опозицијата сака да напарави таква работа веднаш обвинува за криминал, за дивоградби итн“, вели Филипче.

Со новиот Клинички центар ќе се овозможи интегриран систем на здравствена услуга како што е пракса секаде во светот, односно физички една или неколку блока од згради да бидат споени, на тој начин најбрзо се добива здравствена услуга.

Претходниот проект беше прекинат од неколку причини, објаснува Филипче: „Тоа беше проект кој што не беше вистински Клинички центар беше само нова зграда за интерни одделенија. Хирургија остануваше стара, Кардиологија надвор, Педијатрија надвор, Инфективни болести надвор, Максиофацијална хирургија надвор, Клиниката за онкологија надвор од тој нов блок и тука немаше апсолутно никаква логика, а требаше да чини околу 120 милиони евра, па ние ги изреновиравме сите интерни одделенија за некоја мала сума којашто не може да се спореди со оваа. Јасно е зошто е избрана локацијата Ѓорче Петров, онаа првична локација во Злокуќани имаше многу приватни парцели и требаше да влеземе во фаза на обештетување кое ќе одземеше многу време, а и многу ќе чинеше. Новизбраната локација е чисто државно земјиште“, вели министерот.

Две европски комапнии аплицираа и се квалификуваа во втората фаза на конкурентниот дијалог – германската „Вамед“ (Vamed) и француската „Буиг констракшн“ (Bouygues construction). Од Министерството за здравство велат дека едната компанија е со одлична експертиза во делот на физичката градба и другата компанија во делот на опремувањето и ставањето во функција на новиот Клинички центар.

„Целта на Законот е да се дозволи двете компании, за што тие се подготвени, да дадат една понуда, не се конкурентни една на друга едноставно во делот на сопставената експертиза да го направат најдоброто што треба, за нашите граѓани да имаат една современа болница. Искрено се надевам дека ќе соберат храброст пратениците од опозицијата, дека ќе покажат волја да ги повлечат амандаманите. Тоа не се амандмани кои се конструктивни, тоа се амандмани кои се таму ставени само законот да не може да помине“, вели Филипче.