Добар ден на сите и добредојтовте на промоцијата на слоганот под кој ќе се одржи 17-от Вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.ВМРО-ДПМНЕ е Македонија и Македонија е ВМРО-ДПМНЕ. Без силно и обединето ВМРО-ДПМНЕ не можеме да се надеваме на силна и обединета Македонија. Без разлика дали станува збор за власт или опозиција, секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ не е на висина на името кое го носи и застранува, тоа се одразува на државата. Затоа на ВМРО-ДПМНЕ му треба будење и консолидирање, Борче Стамов од Иницијативата за вонреден конгрес на ВМРО ДПМНЕ
На ВМРО-ДПМНЕ му треба соочување со грешките и со реалноста. На ВМРО-ДПМНЕ му треба нова енергија која ќе го поведе во нови победи.
Нема искрен и чесен член на ВМРО-ДПМНЕ кој не е загрижен за случувањата во партијата. Нема член кој не се прашува во кој правец се движи партијата. Нема месен или општински комитет каде не се разговара за тоа зошто ги губиме сите избори по ред изминативе три години. Не им е сеедно на нашите браќа во Ново Село, Охрид или Штип кои не може да си објаснат како можеше локалната власт да им се препушти на СДСМ кои докажаа дека лошо ги водат општините. Не ни е сеедно на сите кога треба да дискутираме како и зошто ги загубивме и претседателските и парламентарните избори. За претседателските раководството не убедуваше дека „жена ќе биде“ иако никој во Гордана Силјановска не препознаваше кандидат на ВМРО. За парламентарните раководството не убедуваше дека победата ќе биде убедлива со повеќе од десет пратеници разлика. Видовме дека тоа беа пусти лаги и наместо победа, доживеавме уште еден пораз, рече Стамов.
Беше ветувано дека ВМРО-ДПМНЕ ќе состави влада и дека ќе ја води државата, но и тоа се испостави дека се празни зборови за да се смири членството. Изминативе шест месеци се ветува ново мнозинство, а СДСМ останува на власт, додека граѓаните и државата влегуваат од една во друга криза. Во ваква ситуација, да не може да се победи еден слаб и неодговорен СДСМ, значи дека нешто не е како што треба во ВМРО-ДПМНЕ. Тоа го знаеме ние, а го знаат и нашите сопартијци чија поддршка кон иницијативата се зголемува со секој поминат ден, рече Борче Стамов од иницијативниот одбор за конгрес во ВМРО ДПМНЕ.
– ВМРО-ДПМНЕ е победничка партија. ВМРО-ДПМНЕ и денес може да победува, но за тоа ни треба обединување и подигнување на политичките стандарди во земјава. Ни треба отчетност, транспарентност и одговорност. Ни треба искреност и чесност. Ни треба се што во моментов не го нуди владеачката СДСМ за граѓаните да ја препознаат разликата.
Првиот чекор во таа насока е организирањето на 17-от Вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ закажан за 28 Март во Скопје.
Како што можевте да видите, мотото под кое што го организираме овој конгрес е „Сплотени во победа“.
Веруваме дека само така, сите заедно ќе може да ја постигнеме целта.
Веќе се собрани голем дел потписи од делегатите и очекуваме поголема посетеност од конгресот во Валандово.
Наш заеднички интерес е ВМРО-ДПМНЕ да тргне напред.
Тоа ќе го направиме доколку искрено дискутираме за состојбите во партијата.
367 делегати во Валандово го дадоа својот глас за се уште актуелниот претседател Христијан Мицкоски и заслужуваат лично од него, на конгрес да слушнат дали е задоволен за тоа каде е партијата после три години и дали резултатите кои ги оствари се максимумот што можел да го постигне.
Отчет заслужуваат и делегатите од Валандово кои не гласаа за него, заради тоа и што вети дека доколку не победи на изборите и не формира влада ќе си поднесе оставка.
Зборот е збор и не може да очекуваме власта да го почитува, доколку тоа не го прави првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ.
Иницијативниот одбор, делегатите на конгресот и илјадниците членови на месните и општински комитети кои ја поддржуваат идејата за Вонреден конгрес не заслужуваат да бидат навредувани и нарекувани од Мицкоски со погрдни зборови. Тие не се ничии слуги, ниту се криминалци или предавници. Тоа се луѓето кои му дадоа да води партија која што на претходните парламентарни избори освои 455 000 гласови.
Затоа Мицкоски им должи на делегатите. Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ мора да биде храбар и да се соочи со своите сопартијци.
Конгресот во март во Скопје е добра можност за тоа.
ВМРОвски е да не бегаш и да покажеш големина во поразите.
Одговорност после поразите презедоа и Георгиевски и Груевски и покрај тоа што зад нив останаа десетици победи на избори и години на успешно владеење.
Бегањето од отчет и одговорност ќе значи само поголема комоција на власта и понеодговорно работење на функционерите на државно и локално ниво.
Бегањето од отчет и одговорност ќе значи уште еден пораз на локалните избори и вовед во нови поделби и порази.
Почитувани,
Време е да се стави крај на сето тоа.
Време е да сите заедно да тргнеме „сплотени во победа“.
17-от Вонреден Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде конгрес на обединување и нов почеток.
17-от Вонреден Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде конгрес на соочување со грешките и пропустите и нивно надминување.
17-от Вонреден Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде конгрес на кој ќе донесе нова енергија и верба дека партијата знае и умее да победува.
Во Скопје на 28 март секако ќе се гласа оценка на работата на се уште актуелниот претседател Христијан Мицкоски. Дали Мицкоски го исполни ветувањето дека ќе ја обедини партијата и ќе ја врати на победничките патеки? Дали Мицкоски го поврати угледот и поддршката што ја имаше ВМРО-ДПМНЕ кај меѓународната заедница? Дали Мицкоски ги зголеми коалициските капацитети кои ги вети во Валандово? Сите овие прашања заслужуваат одговор и мора да бидат дискутирани со делегатите.
Доколку не ја добие довербата, тогаш Конгресот ќе бира нов лидер на ВМРО-ДПМНЕ и затоа уште еднаш, како Иницијативен одбор, сакаме да ги повикаме сите заинтересирани да подготват програма со која што ќе настапат пред делегатите.
Идниот претседател ќе биде тој што ќе треба да не понесе „сплотени во победа“, рече Стамов