23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Славевски: Петтиот пакет мерки е само замајување на јавноста и нема да ја подобри економијата

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека петтиот пакет антикризни мерки нема да ја подобри економијата. Додаваат дека колку поголем е бројот на мерките, толку помала е нивната ефикасност.

Според нивните проценки потребна е уште една мерка.

„Триесетта на број но прва по важност, а тоа е сузбивање на пандемијата КОВИД- 19 во што е можен покус рок во нашата земја“, велат од оваа партија.

„Владата требаше да се обврзе дека до крајот на јули оваа година ќе обезбеди вакцини за најмалку милион граѓани на Република Македонија, односно најмалку два милиони дози од истите. Без ова, попусто се трошат скапо позајмени пари од надвор, што ќе се враќаат со уште повисоки каматни стапки во иднина“, потенцира Трајко Славевски , член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Славевски оценува дека падот на Бруто домашниот производ во вториот квартал од 2020 година е поразителен.

„И овој пат, како и при промоцијата на претходните неколку пакет мерки, дел од мерките само се препишуваат од еден во друг пакет, без соодветна реализација, што укажува на нискиот капацитет на Владата за оценка на последиците од кризата и слабо таргетирање на мерките“, рече Славевски.

Според него, владата предлага мерки за замајување на јавноста, што како што рече, нема да придонесе за подобрување на економската ситуација во Република Македонија.

Според него новиот пакет економски мерки е само купување на време од страна на Владата.