23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) Мицкоски: Увозот на тутун што го договори Заев доведе до тоа да нема откуп за домашниот

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска е во посета на Прилеп со цел, како што рече, да поразговара за исклучително лошата состојба во којашто се наоѓаат тутунопроизводителите.

„Повеќе од 4.000 тони тутун ќе остане оваа година непродаден, неоткупен поради тоа што минатата година Владата на СДСМ и Зоран Заев практично дозволи да се увезува тутун во Македонија, наместо да се откупува домашниот“, истакна Мицкоски.

Тој додаде и дека од прва рака сака да слушне за висината на откупната цена.

„Во овој крај, во Прилепско, во Долненско е исклучително би рекол ниска, како никогаш досега, пониска била само можеби во 2005 година, исто така кога СДСМ беше на власт. Од информациите со коишто располагам, не само овде во Коњаре, во Големо Маало, таква ситуацијата е и во Дебриште, така е и Црнилиште, така е и во Канатларци, буквално насекаде тутунарите во овој крај во Прилепско, во Долненско се разочарани од политиките коишто се денес секојдневие“, посочи лидерот на опозициската партија додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ предложила двојно зголемување на субвенцијата којашто ќе ја добиваат тутунарите, но од Владата немало слух за таков потег.