23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Кривична пријава против поранешниот градоначалник на Крива Паланка

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Крива Паланка поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на општина Крива Паланка, Арсенчо Алексовски, и против двајца вработени во Општината, едниот како раководител на одделението за урбанизам, сообраќај и заштита на животната средина, а другиот овластен градежен инспектор, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето.

„Д. Н. изготвил решение со кое на друштво за телекомуникации од Скопје му се одобрува изградба на линиска инфраструктурна градба за поставување канали за телекомуникациски водови и оптички кабел во Крива Паланка, кои биле одобрени од А. А. (59), а се извршувале работи за измена на траса на веќе изградена градба на релација од граничниот премин Деве Баир до граничниот премин Ќафасан со одобрение за градење од Министерството за транспорт и врски на Република Северна Македонија, а не за нова градба. Со дејството му овозможиле на инвеститорот да склучи договори со друг изведувач од Скопје за износ од 1.941.381 денар.

По завршувањето на работите, од нарачателот на изведувачот биле исплатени само 865.198 денари од вкупниот износ, со што му била нанесена штета во износ од 1.076.183 денари. А. А. (68) на 22.9.2016, иако при инспекциски надзор констатирал дека новиот крак од објектот е поврзан на постојниот линиски инфраструктурен објект, писмено го известил Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам Скопје дека инвеститорот ја поседува потребната техничка документација. Пријавените, покрај нанесената штета на изведувачот, му нанеле штета и на ЈП за Државни патишта со поставувањето на оптичкиот кабел на магистралниот пат Крива Паланка – Куманово и му овозможиле на правното лице, сопственост на А. А. (59), да ги користи услугите од поставените канали за телекомуникациски водови и оптички кабел“, се наведува во соопштението.