Штетни се обидите за наметнување дебата колку проценти на која било етничка заедница, велат од владејачкиот Социјалдемократски сојуз на Македонија, коментирајќи дека пописот ќе ја регистрира реалноста таква каква што е, а резултатите нема да значат суспендирање нечии права.
СДСМ е дециден дека пописот на населението е од клучно значење за развојот на државата и граѓаните, а по него ќе може да се креираат мерки и политики кои одговараат на вистинските потреби на народот – економски, здравствени, образовни, социјални, културни, со што ќе се унапредат и нивните права и придобивки.
„Немањето попис цели две децении е штетно. ВМРО-ДПМНЕ го прекина последниот обид за попис во 2011 и тоа го направи откако потроши милиони евра народни пари, а сега, како и при сите клучни работи во државата, бара причини за блокади и опструкции и се обидува да го саботира целиот процес. Губитникот Христијан Мицкоски и неговата ВМРО-ДПМНЕ делуваат спротивно на интересите на граѓаните и на државата, шират невистини и оспоруваат резултати на уште неспроведен попис и ги повикуваат граѓаните на прекршување на законите“, велат од СДСМ преку соопштение.
Партијата појаснува дека пописот е статистичка операција, која ќе ја реализира Државниот завод за статистика, според сите европски и меѓународни стандарди.