23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Лајчак домаќин на Димитров и Османи: Напредокот на Северна Македонија е успешна приказна и пример за регионот

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска, во Брисел, имаа средба со Мирослав Лајчак, специјален претставник на ЕУ за Западен Балкан и дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Како што информираат од владината прес-служба, соговорниците биле едногласни дека Северна Македонија е подготвена да ги почне преговорите со ЕУ, притоа истакнувајќи го напредокот на земјата како успешна европска приказна во регионот и пример за другите земји од Западен Балкан.

„Европската перспектива на Северна Македонија мора да продолжи, без разлика на предизвиците на овој пат. Тоа ќе биде потврда за одржувањето на политиката на проширување на агендата на ЕУ, но и дека вистинското инвестирање во реформите и во добрососедските односи значат и сигурен влог во подобра иднина за граѓаните“, било посочено на средбата.

Османи и Димитров нагласиле дека Република Северна Македонија високо ја цени улогата што од страна на ЕУ му е доделена на амбасадорот Лајчак како посредник во разговорите помеѓу Србија и Косово, како и на други прашања во регионот.

„Приближувањето на ставовите на Приштина и Белград и нормализацијата на односите меѓу двете земји ќе претставува огромен влог во стабилизацијата и европеизацијата на целиот регион“, истакнале македонските претставнци.