7. октомври 2025
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈА

Почина академик Георги Старделов

На 11 јануари, со навршени девет децении живот, почина еден од најзначајните македонски интелектуалци, филозофот естетичар, книжевен критичар и теоретичар, есеист и универзитетски професор, академик Георги Старделов. Беше пример за длабок мислител, минуциозен аналитичар и во исто време инспиративен изведувач на синтези и творечки поврзувања, извонреден стилист и сугестивен едукатор, впечатлив оратор и секогаш интересен собеседник.

Зад себе остави огромно и првокласно по квалитет творештво, кое се вградува во столбовите на македонската литература, од кое ги издвојуваме критичко-есеистичките дела: „Есеи“ (1957), „Модерното и модернизмот“ (1962), „Светови“ (1969), „Антеј бара почва“ (1971), „Доба на противречности“ (1977), „Меѓу литературата и животот“ (1981), „Македонско светско чудо“ (2009), како и студиите: „Еxperimentum Macedonicum“ (1983), „Изморена авангарда“ (1985), „Одземање на силата – Поезијата на Блаже Конески“ (1989), „Ѕumma aestheticae“ (1991), „Антеј ја допира земјата“ (1993), „Величанија – Поезијата и поетското искуство на Анте Поповски“ (1997), „Небиднината – Поезијата и поетското искуство на Ацо Шопов“ (2000), „Искушенијата на естетичкиот ум – 20. Век“ (2003), „Балканска естетика – една друга естетика“ (2004), „Angelus Novus (Или подготовка за лет)“ (2004), „Ноќен градинар“ (2006), „Небесен клучар – книжевното наследство на Славко Јаневски“ (2008), „Херменефтика на новата македонска книжевност“ (2008), „Слушате ли Каина-велијци?“ (Славко Јаневски – книжевна генеологија, 2010), „Слова“ (2011), „Summa aestheticae. I, Јужнословенска естетика“ (2015), „Summa aestheticae. II, Балканска естетика – една друга естетика“ (2015), „Summa aestheticae. III, Историја на европската естетика на XX век“ (2015). Автор е и на десетина релевантни антологии од различни жанрови на македонската книжевност.

Акад. Старделов беше член на ДПМ од 1957 година и во одреден период и негов претседател. Неговиот профил на филозоф естетичар со нагласен интерес за книжевноста е посебно значаен за македонската култура, затоа што покажува колку се неопходни оние книжевници кои својот труд, ерудиција и талент ги вложуваат во објаснувањето и валоризирањето на уметничкото творештво на другите писатели и на глобалните и локалните културни процеси. Тој беше врвен ерудит, со нагласен книжевен талент и со огромна енергија и творечко љубопитство. Старделов останува еден од најдобрите познавачи и афирматори на творештвото на нашите канонски писатели, како што се Блаже Конески, Анте Поповски, Славко Јаневски, Ацо Шопов и многу други. Неговиот грандиозен опус е непроценливо богатство на кое постојано му се навраќаме, а ќе му се навраќаат и генерациите што доаѓаат по нас.

Можеби ќе ве интересира

Каранфилова –Пановска од Неготино: Програмата на Мантев со низа мерки за лицата со попреченост

ДЕСК

Мицкоски: СДСМ имаат слоган со кој велат се бориме за домот, на кој дом мислат на Халкидики или во Дубаи

ДЕСК

Поведена истрага во Виница за тешка телесна повреда на едно лице

ДЕСК