4.8 C
Скопје
19. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Народната банка првпат објави статистички податоци за годишните финансиски сметки на македонската економија

Народната банка почнува со објавување статистички податоци за годишните финансиски сметки на македонската економија. Податоците се изработени согласно со меѓународните и европските статистички стандарди и се однесуваат на состојбите на финансиските средства и обврски по финансиски инструменти и подинструменти за секој институционален сектор и потсектор на националната економија, како и на секторот странство.

Од Народната банка наведуваат дека статистиката на финансиските сметки е исклучително важна и воедно една од најкомплексните статистики.

На веб-страницата на Народната банка податоците за финансиските сметки се објавени во стандардизирани извештајни табели (дводимензионални матрици), на неконсолидирана основа за секој институционален сектор на домашната економија, како и за секторот странство. Временската серија се однесува на периодот 2013-2019 година и содржи податоци за годишните состојби на финансиските средства и обврски по финансиски инструменти.

Истовремено, на веб-страницата на Народната банка се објавени и методолошки објаснувања за составување годишни финансиски сметки, коишто содржат подетални информации за дефиницијата и класификациите на институционалните сектори и на финансиските инструменти, како и на изворите на податоци и применетите методи при компилацијата на финансиските сметки.

„Изработката на годишните секторски финансиски сметки е уште еден исчекор кон обезбедување на потребните дополнителни показатели во рамките на највисокиот статистичкиот стандард за дисеминација на податоци СДДС плус, како и за сетот на показатели во рамките на процедурата за макроекономски нерамнотежи на ЕУ, со кои се утврдуваат внатрешните и екстерните нерамнотежи на земјите. Објавувањето на статистичките податоци за годишните финансиски сметки на македонската економија е уште една потврда на постојаните напори на Народната банка за целосно исполнување на највисоките статистички барања и за спроведување на меѓународните принципи и правила во статистиката. Усогласувајќи се со меѓународните и европските статистички стандарди, Народната банка покажува и подготвеност за натамошно унапредување на своето работење и навремена подготовка за пристапување кон Европскиот систем на централни банки, што е и една од нејзините стратегиски цели“, соопштија од Народната банка.