5.8 C
Скопје
27. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИСТЕХНОЛОГИЈА

Хрватска воведува визи за дигиталните номади од целиот свет

Статусните проблеми на дигиталните номади во Хрватска се решени со усвојувањето два нови закона во парламентот, а тоа се законот за странци и измените и дополнувањата на Законот за данокот на доход, пишува „Вечерњи лист“.

Новиот закон за странци го третира дигиталниот номад како „државјанин на трета земја, кој е вработен или работи деловно преку комуникациска технологија за компанија што не е регистрирана во Хрватска и не извршува деловни активности или не обезбедува услуги на работодавци во Република Хрватска“.

Значи, на луѓето што се формално вработени на друго место и може да ја завршат својата работа преку интернет, Хрватска ќе им овозможи да живеат и работат во земјата како дигитални номади.

Граѓаните на трета земја се државјани на сите земји што не се членки на Европскиот економски простор (ЕУ плус Швајцарија и Норвешка) за кои инаку се применува построг режим за престој и работа во Хрватска. Странците од трети земји, кои се вработени во Хрватска, мора да имаат работни визи. Покрај работните визи, се воведуваат и номадски визи, кои ќе им се доделуваат на странци што ќе работат за некој друг за период од една година.

Комплетните технички детали поврзани со номадскиот престој ќе бидат објавени по Нова година.

Заработката на дигиталните номади нема да се даночи во Хрватска. Значи, сите дигитални номади ќе плаќаат данок на доход во своите матични земји каде што имаат постојан престој, но Хрватска им ги отвора вратите бидејќи се смета дека тие ќе ја трошат заработката во Хрватска и со тоа ќе придонесат за домашната економија. Кој ќе остане една година, може да има мотив да се пресели во Хрватска и да побара постојан престој.

Туристичката индустрија е убедена дека дигиталните номади се одлични гости. Процените пред пандемијата велат дека до 2035 година, дури милијарда луѓе во светот ќе работат од дома, а секој поединец е потенцијален патник, гостин. Пандемијата само го забрза овој тренд и неколку стотици дигитални номади сè уште живеат во Хрватска, пишува „Вечерњи лист“.