25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ТЕМАМАКЕДОНИЈА

Забрчанец: Одбиените тужби на новинарките и спората правда се причини плус за прочистување на правосудството

Во Студио 10 на телевизија 24, Националниот координатор за стратегиски комуникации, Марјан Забрчанец, беше запрашан и за одбиените тужби на новинарки за настаните во парламентот од 27 април, кога група насилници упаднаа и го загрозија животот на пратениците, но и на новинарите кои дента известуваа. Тој изјави дека за оваа Влада приоритет станала заштитата на новинарите, односно запирање на неказнивноста кога се во прашање нападите врз медиумските работници.

„Започната е иницијатива, веќе има проактивност од Министерството за правда, течат и консултации со медиумските здруженија, ги повика министерот Маричиќ новинарите претставени преку нивните здруженија, синдикатите да бидат активно вклучени во овие разговори со цел измена на кривичниот закон, со цел заштита на новинарите односно запирање на неказнивоста кога е во прашање нападот врз новинари. Ние сме влезени во таа постапка, што заврши дебатата ќе се случи измената на кривичниот законик, односно тоа подразбира измени во одредени кривични дела од потежок облик се разбира доколку делото е сторено против новинар, поентата е казните да бидат построги кога е во прашање напад врз новинар“- образложи Забрчанец во телевизискиот настап.

Случајот со одбиените тужби на новинарките правните аналитичари го оценија како пропуст на судството, односно како нивна неможност или незнаење да препознаат напад врз новинари. Нивните оценки за постапката на судот во случајот со новинарките се поклопуваат со нивните ставови дека судските реформи се итни и налагаат филтрирање на судството од непрофесионалните кадри и од оние кои се под влијание на политички или бизнис центри. Во овој контекст оди и ставот на Забрчанец, кому овој, но и други случаи со затајување на судската ажурност, му изгледаат како основа за реформи.

„Како уште еден аргумент за потребата од прочистување во судството, сакате од оваа позиција или од функција на граѓански активист што во моментов не можам да бидам, во двете позиции ми изгледа како уште едена аргумент за потребата од итно прочистување во судството“- изјави Забрчанец.

Реформите и прочистувањето би се однесувале и на јавните обвинители, затоа Владата прво ја дава Методологијата за проверка на правосудството кај Судскиот совет и кај Советот на јавни обвинители, тие да се изјаснат и да ја потврдат, затоа што конечно е дојдено време судиите и обвинители да се оценат според мерливи критериуми, без политичко, туку единствено со стручно присуство при оценувањето.

„Вие коишто сте пријавиле, МВР постапува, знаете кој е следниот чекор, следниот чекор е врз основа на индициите МВР да го однесе случајот кај Обвинителството, од тој момент одлуката што понатаму со случајот е кај обвинителството, ние сме реално не задоволни од постапувањето на дел од обвинителствата, и ние сметаме дека многу побрзо на многу посуштински начин треба да се решаваат прашањата, ние ги охрабруваме и постојано ги повикуваме правосудните органи да постапуваат побрзо и поквалитетно.“- рече Забрчанец во Студио 10.